Еден навидум обичен вирус успеа значително да го наруши начинот на живот што го знаевме досега. И иако во минатото се соочувавме со пандемии предизвикани од вируси, светот никогаш не се променил толку многу поради појава на нова болест, пишува Би-Би-Си.
Зошто коронавирусот е различен? Што е тоа во неговата биолошка природа, што претставува посебна закана за нашите животи?
Мајстор за маскирање
Ако стапите во контакт со вирусот, тој првично може да го измами вашето тело. Коронавирусот може да се шири низ белите дробови и дишните патишта, а нашиот имунолошки систем сè уште да мисли дека сè е во ред.
„Овој вирус е мајстор за маскирање – може да се размножува во вашиот нос, а вие сè уште да се чувствувате одлично“, вели професорот Пол Ленер од Универзитетот во Кембриџ.
Како што коронавирусот продира во клетките, тие почнуваат да ослободуваат специјални хемикалии, интерферони, кои му даваат сигнал на остатокот од телото и имунитетот дека нешто не е во ред.
Но, коронавирусот има „неверојатна способност“ да ја оневозможи таа хемиска сигнализација, објаснува проф. Ленер, додавајќи дека „коронавирусот го прави ова толку успешно што поединецот дури и не сфаќа дека тој навистина е болен“.
Ленер исто така вели дека за време на студијата на заразените клетки под микроскоп не се гледа дека се заразени, иако тестовите покажуваат дека се „полни со вируси“. Тој живописно вели дека ова е „уште еден ас во неговиот ракав“ на кој смета коронавирусот.
Се однесува на принципот „удри и бегај“
Количината на вирус во нашето тело достигнува максимум само еден ден пред да се разболиме, но треба да трае најмалку уште една недела пред пациентот да развие состојба која ќе бара хоспитализација.
„Тоа е навистина брилијантна еволутивна тактика, бидејќи вирусот нема да ве одведе во кревет веднаш. Сè уште можете да излезете и да функционирате на вообичаен начин“, вели Ленер.
Можеме да го споредиме овој вирус со возач кој ќе прегази лице на пешачки премин и потоа ќе избега. На овој начин, тој успева да ја најде следната жртва пред првата да се опорави или умре.
Едноставно кажано – „вирусот не се грижи дали ќе се опоравиш или ќе умреш, тој само напаѓа и исчезнува од местото на настанот“, вели Ленер.
Според опишаните карактеристики, коронавирусот значително се разликува од САРС, кој се ширеше во 2002 година. Имено, тој беше најзаразен откако некое лице ќе се разболи, и во тој момент веќе знаеше дека мора да се изолира.
Вирусот е нов, а нашите тела се целосно неподготвени
Дали се сеќавате на претходната пандемија? Луѓето многу се плашеа од свински грип во 2009 година, но на крајот беше откриено дека вирусот не е толку смртоносен како што првично се сметаше, бидејќи постарите лица веќе имаа некаква заштита, поради сличноста на вирусот со претходно познатите видови на грип.
Постојат уште четири коронавируси кои напаѓаат луѓе, а симптомите на болеста се совпаѓаат со симптомите на настинка.
Проф. Трејси Хусел од Универзитетот во Манчестер вели дека коронавирусот е „нов и нашиот имунолошки систем не е подготвен за тоа“ и додава дека новиот коронавирус може да биде „вистински шок за имунитетот“.
Овој недостаток на претходна заштита може да се спореди со ситуацијата кога Европејците „носеа“ сипаници со себе во Новиот свет, што имаше смртоносни последици за локалното население.
Креирање на имунолошки одговор од нула е голем проблем за постарите лица, чиј имунитет постепено ослабува. Борбата против инфекцијата за нашето тело е низа обиди и неуспеси на имунолошкиот систем, сè додека телото на крајот не се избори против вирусот.
Но, треба да се напомене дека постарите луѓе имаат помалку Т-клетки, клучни компоненти на имунолошкиот систем, така што борбата против коронавирусот е исто така потешка.
Коронавирусот прави неочекувани потези
Ковид-19 започнува како честа инфекција на белите дробови, иако се манифестира на необичен начин и може да влијае на целото тело. Проф. Мауро Џака од лондонскиот Кралски колеџ вели дека многу карактеристики на коронавирусот се „специфични“ за болеста што ја предизвикува, што го прави „различен од било кое друго вирусно заболување“.
Тој објаснува дека вирусот не само што ги убива белодробните клетки, туку ги прави и нефункционални, а потоа се спојуваат во големи дисфункционални клетки кои се чини дека остануваат во телото уште некое време.
Џака додава дека, иако во случај на надминување на потешката форма на грип, „следува целосно закрепнување на белите дробови, тоа не е случај со коронавирусот“.
Згрутчувањето на крвта е друга честа последица на коронавирусот. Хемикалиите кои влијаат на згрутчување на крвта се „200, 300 или 400 пати“ повисоки кај некои пациенти, вели проф. Беверли Хант од Кралскиот колеџ.
„Искрено, во мојата долга кариера досега, никогаш не сум видел пациенти кај кои крвта станува леплива“, рече таа во интервју за „Inside Health“.
Многу пациенти страдаат од дебелина
Последиците од Ковид-19 се потешки кај дебелите луѓе, а масните наслаги околу половината го зголемуваат ризикот пациентот да заврши на интензивна нега или да подлегне на последиците од инфекцијата, што е уште еден нов феномен.
„Силна корелација со дебелината е нешто што досега не сме го забележале кога станува збор за други вирусни инфекции. На пример, дебелите луѓе имаат тенденција подобро да толерираат белодробни заболувања“, вели професорот Стивен О’Рахили од Универзитетот во Кембриџ. Тој додава дека ова е „друга специфичност на коронавирусот, бидејќи не е забележана кај пациенти кои се заразуваат со сезонски грип“.
Залихите на маснотии во телото или во органите како што е црниот дроб, предизвикуваат метаболички нарушувања кога ќе наидат на вирус. Кај дебели пациенти, почесто се јавува воспаление и формирање протеини кои резултираат во коагулација на крв.