Во рамки на претстојната лидерска средба на иницијатива на претседателот Пендаровски, потсетуваме на дел од кажаното од страна на лидерот на опозициската ВМРО ДПМНЕ, Христијан Мицкоски.
Имено, изминатата година на лидерската средба Мицкоски посочи дека не постоеше дилема на никој од учесниците и посочи дека нема друга алтернатива за РМ.
„Имавме плодна и квалитетна дебата. Во првиот дел, сите учесници на средбата ги афирмираа ставовите дека остануваме посветени на евроатлантската интеграција на РМ, члеството во НАТО – Алијансата и се разбира, работењето понатаму за добивање датум за почнување на преговорите со ЕУ. Тука не постоеше дилема на никој од учесниците и мислам дека друга алтернатива за РМ и не постои и мислам дека тоа им беше кажано на новинарите од страна на претседателот на државата“, беше дел од изјавата на Мицкоски по лидерската средба кај претседателот Пендаровски во октомври 2019. година.
Од друга страна пак, ВМРО ДПМНЕ по вчерашната изјава, обвини дека Пендаровски и Заев направиле антидржавен чин, односно побараа да објаснат зошто ја одбиле понудата и од чии странски интереси се воделе. Ова следува по изјавата на претседателот Пендаровски на вчерашната конференција за Западен Балкан организирана од „Пријателите на Европа“ дека македонскиот државен врв добил понуда за членство во Европската економска заедница која била одбиена затоа што нема друга алтернатива од полноправно членство во ЕУ.
На ова, одговорија и од кабинетот на претседателот Пендаровски, од каде посочија дека за оваа идеја за алтернативно членство за државите од Западниот Балкан во Европската економска зона откако ќе ги исполнат потребните услови за тоа, која неофиијално циркулирала во Брисел, било дискутирано на лидерката средба свикана на 20 октовмри 2019 на која присуствувал и лидерот на ВМРО-ДПМНЕ, Мицкоски.