Само неколку недели пред претседателските избори на 3 ноември, Доналд Трамп се зарази со коронавирусот. Оваа вест отвори голем број прашања за тоа што може да се случи во наредните денови.
Кои настани во кампањата ќе треба да ги пропушти претседателот?
Трамп мора да биде во самоизолација десет дена откако доби позитивен резултат од тестот на Ковид-19, за да може да учествува во следната претседателска дебата закажана за 15 октомври.
Митингот закажан за во петок на Флорида беше откажан, а претседателот наместо да присуствува на состанокот, „разговараше телефонски со постари лица со поголем ризик од Ковид-19“, објави Белата куќа.
Уште неколку митинзи закажани неколку недели пред изборите ќе мора да бидат откажани или одложени.
Под кои услови може да се откажат изборите?
Престојот во болницата и самоизолацијата очигледно имаат влијание врз неговата кампања.
Но, прашањето е дали изборите може да се одложат и како тоа би се случило.
Според законот, претседателските избори во Америка се организираат секој прв вторник во ноември, на четири години – оваа година, 2020 година, треба да се одржи на 3 ноември.
Само членовите на Конгресот, а не претседателот, можат да донесат одлука за промена на датумот.
За да се донесе одлука за одложување, мнозинството и во Сенатот и во Претставничкиот дом мора да гласаат за тоа. Таквиот исход е малку веројатен, бидејќи одлуката ќе треба да биде поддржана од Претставничкиот дом, под контрола на демократите.
Дури и ако беше донесена одлука за одложување на изборите, Уставот на САД предвидува претседателскиот мандат и администрацијата да траат само четири години,
Така, мандатот на Трамп автоматски ќе истече напладне на 20 јануари 2021 година
За промена на датумот на изборите, потребен е уставен амандман, кој ќе треба да биде одобрен со двотретинско мнозинство во двата дома на Конгресот, а потоа и од три четвртини од американските држави.
И тоа, исто така, е малку веројатно.
Што ќе се случи ако претседателот Трамп не е во можност да ја води земјата?
Засега, Трамп има само „благи симптоми“, но ако неговата состојба се влоши, Уставот на САД предвидува дека, според 25-тиот амандман, претседателот може да му го предаде претседателството на потпретседателот – што значи Мајк Пенс да стане вршител на должноста претседател.
Кога Трамп ќе стане подобар, тој би ја презел функцијата.
Ваквите одлуки се веќе донесени за време на претседателските мандати на Роналд Реган и Џорџ В. Буш.
Доколку претседателот не е во состојба свесно да ги предаде своите должности, неговиот кабинет и потпретседател може да го прогласат за неспособен да продолжи да работи, а Пенс би ги презел овластувањата.
Доколку Пенс не е во можност да ја води земјата, според Законот за наследување на Претседателот, следниот е Ненси Пелоси, спикерот на Претставничкиот дом и член на Демократската партија.
Сепак, експертите за уставно право велат дека ваквиот трансфер на власта сигурно ќе предизвика бројни правни битки.
Доколку таа не се согласи или не е во можност да ја преземе функцијата, претседателскиот мандат би преминал во рацете на најстариот републикански сенатор – во овој момент 87-годишниот Чарлс Грасли.
И овој потег сигурно ќе предизвика спротивставени правни мислења.
Ако Трамп не е во можност да учествува на изборите, чие име ќе се најде на гласачкото ливче?
Ако од која било причина, кандидатот избран од партијата не е во можност да ја исполни таа улога, постојат јасни процедури кои автоматски стапуваат на сила.
Иако потпретседателот Мајкл Пенс првично би го презел претседателското место, тој не мора да биде кандидат за избор на Републиканската партија – затоа што републиканците веќе официјално го номинираа Трамп.
Според правилата на партијата, 168 членови на Републиканскиот национален комитет (РНК) треба да гласаат за избор на нов кандидат, а Пенс веројатно би бил еден од нив.
Ако се избере Пенс, треба да биде избран и неговиот кандидат за потпретседател.
Ниту демократите ниту републиканците никогаш не замениле официјален кандидат.
Што ќе се случи со предвремените гласања?
Експертите се согласуваат дека има многу сомнежи, бидејќи милиони гласови се веќе испратени по пошта, со имињата на кандидатите на гласачките ливчиња.
Во некои земји започна и предвремено лично гласање.
Гласањето најверојатно ќе продолжи со името на кандидатот на гласачкото ливче, пишува Рик Хајсен, професор по право на Универзитетот во Калифорнија.
Но, секако ќе се постават прашања дали државните закони дозволуваат оние кои се номинирани да гласаат на американскиот Изборен колеџ – т.н. претседателски електори – да изберат кандидат кој ќе го замени.
Дали ќе се смени името на кандидатот што ќе се повлече?
„Името на претседателот Трамп скоро сигурно ќе остане на гласачкото ливче, без оглед што ќе се случи“, напиша Ричард Пилдс, професор по право специјализиран за изборни процеси.
Тој посочува дека постои теоретска можност Републиканската партија да побара судски налог за промена на името на кандидатот на гласачкото ливче, но дека во пракса нема да има доволно време за таков потег.