Што ќе значи германското „чус“ на Меркел за Македонија?

од desk4
469 прегледи

За помалку од две недели Германиците на парламентарни избори ќе го избораат наследникот на канцеларката Ангела Меркел бидејќи таа нема да се кандидира за нов мандат. Наместо изборна трка за нов мандат, таа се одлучи да се повлече и германското „чус“ да го направи од Балканот. Меркел денеска го посети Белград и се збогува со српскиот претседател Александар Вучиќ, а утре присигне во Тирана каде ќе се сретне со албанскиот премиер Еди Рама, како и со премиерите на шесте балкански земји, меѓу нив и со претседателот на македонската влада, Зоран Заев.

Што ќе значи заминувањето на Меркел од европската политичка сцена за Македонија, „Локално“ побара одговори од Александар Кржаловски од МЦМС и од поранешниот амбасадор Благој Зашов. И Зашов и Кржаловски сметаат дека заминувањето на Меркел претставува крај на една ера која генерално ја оценуваат како релативно позитивна за Македонија, но без да го донесе посакуваниот резултат – почетокот на преговорите со ЕУ.

– Новиот канцелар што ќе дојде на местото на Меркел ќе бара време за да може да се прилагоди, да се запознае актерите и со целата ситуацијата на Балканот. Веројатно ќе има застој во било какви битни поместувања за Македонија. Со оглед на тоа што ни Меркел со целиот свој капацитет и репутација не успеа да го реши проблемот со нашите преговори дури и за време на германското претседателство, нема простор за оптимизам дека доправа нешто позитивно ќе се случи со новиот лидер, вели Кржаловски.

За Кржаловски посетата на Балканот од страна на Меркел е повеќе од церемонијална природа се со цел да се поздрави со сите со кои соработувала и да замине во заслужена пензија. Тој посочува дека во ваква ситуација Македонија треба да го активира планот „Б“ бидејќи станува очигледно дека уште долго време нема да станеме членка на ЕУ.

-Сега треба да видиме што понатаму. Ние не мора да се откажеме од европскиот пат но, очигледно е дека треба да бараме други решенија. Прво, треба да се зафатиме сериозно со реформите дома, за кои ниту поранешните ниту сегашните политичари покажаа дека се желни и способни да ги спроведат. И второ, мораме сериозно во економијата да го искористиме стратешкото партернство со Америка, вели Кржаловски.

За поранешниот амбасадор Благој Зашов заминувањето на Меркел значи пресврт во целиот политички живот на ЕУ. Тој смета дека германската канцеларка одбележа еден многу значаен период за развојот на Унијата и генерално на Европа, бидејќи во нејзино време се случија финансиска, бегалската и здравствена криза предизикана од коронавирусот.

-Таа се залагаше за еден поинаков однос на ЕУ кон Западен Балкан вклучително и Македонија за разлика од други врвни политичари во ЕУ, на пример Макрон. Нејзиниот однос и приемот на кој наидуваа македонските политичари беше реален. Меркел ги знаеше состојбите во нашата држава и на Балканот и водеше една реална полтика, во смисла на приближување на Западниот Балкан кон ЕУ, а во исто време инсистираше на прилагодување земјите кон правилата на ЕУ. Но и Меркел, како и Макрон, не успеа во последните две три години да и помогнат на Македонија. Напротив, во еден момент Германија и Меркел попуштија на една земја членка во конктрениот случај Бугарија. Можеби не можеа да направат ништо но, сепак последиците се големи за нашата земја, вели Зашов.

Поранешниот амабасадор смета дека заминувањето на Меркел на некој начин ќе значи и незивесност за Балканот затоа што најавеното доаѓање на Социјалдемократите и зелените во Германија е многу понеизвесно во политиката на Германија кон Западниот Балкан.

-Доследна на себе Меркел посака да се сретне со претседателите и премиерите од земјите на Западниот Балкан и за тоа ги избра Белград и Тирана. Од тоа можеби ќе произлезе некоја нејзина порака што ќе им ја препорача на новите политичари во Германија, вели Зашов.

Што ќе значи заминувањето на Меркел од политичката сцена за Балканот, анализираа и меидумите во регионот.

Директорот на Центарот за студии за Југоисточна Европа на Универзитетот во Грац,  Флоријан Бибер смета дека Балканот е сведок на двојната природа на германската канцеларка, бидејќи од една страна, таа донесе храбри и големи одлуки, како што се прифаќање мигранти во бегалската криза во 2015 година или промовирање на членството на земјите од Западен Балкан во ЕУ. А од друга страна, со краткорочни тактики и немање на стратешка визија, без да може да се справи со одредени проблеми.

-За време на мандатите на Ангела Меркел, Европската унија се прошири со Хрватска, но во исто време во суштина ги спречи дури и земјите што ги исполнуваат сите услови на ЕУ да започнат преговори – Северна Македонија и Албанија. Црна Гора преговара за членство нешто поуспешно од Србија, додека Босна и Херцеговина се уште чека кандидатски статус, а Косово е далеку од европската карта за дури и визна либерализација. Ако некогаш прашавте на Балканот кога ќе влезе во Европската унија во времето кога Меркел стана канцелар, никој немаше да помисли дека таа ќе биде толку далеку денес. Регионот е очигледно во полоша состојба – има помалку демократија, лоши влади, помал напредок, рече Бибер.

Меркел пред изборите во Германија, ќе се сретне на 16 септември со францускиот претседател Емануел Макрон во Париз.

Во меѓувреме во Германија се мерат рејтинзите и на партиите и на евентуалните наследсници на Меркел.
Истражувањето на јавното мислење за РТЛ и НТВ, спроведено од агенцијата „Форса“ покажува дека социјалдемократите (СПД) водат со 23 проценти, пред сојузот ЦДУ/ЦСУ на канцеларката Ангела Меркел со 22 проценти. Зелените се на третото место со 18 проценти, додека либералната ФДП е четврта „сила“ со 12 проценти поддршка

Социјалдемократите во Германија водат пред конзервативниот блок ЦДУ/ЦСУ, првпат по 15 години.
„Политико“, врз основа на податоците од анкетите од многубројни извори, анализира дека СПД и ЦДУ/ЦСУ се во мртва трка, со тоа што, според вака собраните податоци, конзервативците водат со 23 проценти, пред социјалдемократите со 22 проценти. Поддршката за конзервативците се намали откако нивниот кандидат за наследник на Меркел, Армин Лашет, направи серија непријатни гафови и, според оценката на „Политико“, се чини дека досега не успеа да ја убеди јавноста дека е достоен да го преземе кормилото.
Социјалдемократите, пак, бележат подем токму како резултат на популарноста на нивниот кандидат за канцелар, министерот за финансии Олаф Шолц.

Анкетата покажува дека Шолц е главниот избор за канцелар доколку гласачите можат директно да ја изберат личноста за оваа позиција и тоа со 30 проценти, далеку пред кандидатката на Зелените, Аналена Баербок, со 15 проценти и Лашет со 11 проценти.

Б.Т.

Слични содржини