Што значи договорот без потпис од Охрид: „Само патриоти можат да ги нормализираат односите, а не демократи“

од Nikola Popovski
273 прегледи

Договор без потпис е исходот од маратонската средба во Охрид во саботата, која траеше 12 часа. Лидерите на Србија и на Косово, Александар Вучиќ и Албин Курти, со посредство на Европската унија (ЕУ) и поддршка на САД постигнаа договор за спроведување на Договорот за нормализација на односите. Двајцата претходно на крајот на февруари во Брисел го прифатија европскиот предлог за нормализација на односите. Очите на јавноста беа вперени кон пенкалата во рацете на претседателот на Србија и косовскиот премиер и изјавите за важноста на договорот во контекст на европската перспектива на двете земји.

Што следи по договорот од Охрид и што ќе значи тоа за регионот – се двете клучни прашања кои се поставуваат после средбата.

Благојче Атанасоски

Благојче Атанасоски

Според политичкиот аналитичар Благојче Атанасоски се оди во насока на конечно решавање на отворените невралгични прашања на Балканскиот полуостров, особено нормализирање на косовското прашање, односно уредување на односите меѓу официјален Белград и Приштина. Тој во разговор за „Локално“ вели дека прашањето е исклучително тешко на две дијаметрално спротивни страни.

-Меѓународната заедница, веројатно инсистира на компромис со кој двете страни ќе бидат подеднакво незадоволни: Србија де факто да мора да го признае Косово, односно да не го попречува во членство на меѓународните организации, без експлицитно да ја признае неговата независност, додека Косово да мора да ја формира заедницата на српските општини на северот од земјата, како услов кој беше и претходно наметнат на Приштина од бриселските договори, порачува Атанасоски.

Прашање за милион долари, вели тој околу тоа дали ќе се исполнат обврските од договореното.

-Спорот е исклучително тежок, страните се целосно спротиставени и е многу тешко да имаат доверба меѓу себе за да го исполнат договореното. Практиката досега ни укажува на потпишани договори, анекси и спогодби кои воопшто не биле или целосно малку биле имплементирани. Искрено не сум голем оптимист, дека ако и се потпише некој вид на договор како крајно сеопфатно решение, тоа ќе оди мазно во имплементацијата на практика, оценува Атанасоски.

На прашањето дали ЗСО значи создавање и други вакви слични заедници во регионот, Атанасоски не очекува бидејќи, како што вели, случајот е зависен сам по себе.

-И покрај тоа што многумина сакаат да го поврзат како домино ефект со евентуално такво формирање на заедница на албански општини кај нас (изјавата на висок функционер на Алтернатива), тоа не може да се доведе во корелација, бидејќи ние сме држава која е членка на НАТО и треба да ги почне преговорите со Европската унија. Второ по одредбите од Охридскиот рамковен договор, нема територијални решенија по етнички клуч, односно вакво формирање на заедница на албански општини кај нас, директно е во колизија со самиот Охридски рамковен договор и го анулира како таков, анализира тој.

Според него, Србија во последниот период е под константен притисок да влезе во решавање на Гордиевиот јазол, за да може непречено да ги продолжи своите европски интеграции кои во суштина се замрзнати.

-Тоа ќе доведе до понатамошна пресија врз претседателот Александар Вучиќ, како неспорен авторитет во земјата, кој треба да има одврзани раце во конечното решение. Сепак опозицијата е таму радикализирана и го обвинува за предавство, секој негов обид за похрабро решавање на косовското прашање. Тоа дополнително му создава компликации во маневарскиот простор да може да направи исчекор во идно евентуално конечно затворање на прашањето за Косово, вели Атанасоски.

Мерсел Биљали

Од друга страна универзитетскиот професор и аналитичар Мерсел Биљали во разговор за „Локално“ вели дека договорот од Охрид за Косово ќе значи многу бидејќи не можат „цело време да водат полу-војна во нивните односи“, а истовремено значи и за мирот во целиот регион на Западен Балкан, „кој е невралгична точка во однос на безбедносните ситуации“.

-Со огромно посредство и притисок од ЕУ и САД е постигнат договор меѓу двајца кои цело време се легитимираат како патриоти во нивните земји и дека исклучиво такви луѓе можат да ги решаваат проблемите. Демократите тешко дека ќе можат лесно да ги решат работите. Најден е момент кога двете држави практично се наоѓаат со такви политички опции и е наметнато решение, кое претставува компромис кај што двете страни не се многу задоволни или незадоволни, истакнува Биљали.

Според него, ова е посебен договор.

-Имаме силни механизми каде ќе биде присутна меѓународната заедница за разлика од претходните договори. Претпоставувам дека ќе имаме некаков орган од ЕУ или САД кој цело време ќе притиска да се имплементира договорот, смета професорот.

Во однос на ЗСО, Биљали не очекува формирање слични заедници и во други земји од регионот.

-Секоја земја си има свои специфики. Мислам дека во Македонија најголем проблем е економијата и вработувањето. Сите други сегменти не претставуваат критична маса за некое раздвижување, луѓето се фокусирани кон егзистенционални прашања. Ниту теоретски тоа не може да се одразува – тоа може да влијае само во Србија во мал сегмент, каде што би требало и тие да имаат поголеми овластувања. Сепак ќе биде асиметрично – тоа што ќе се прави во Косово ќе биде многу повеќе институционализирано, потенцира професорот.

Н.П.

Слични содржини