Штрајк на француските аеродроми: Вработените бараат ретроактивни покачувања

од Stefanija Kuzmanovska
211 прегледи

На најголемиот француски аеродром „Шарл де Гол“ во Париз и на другите аеродроми во таа земја денеска дојде до нарушување на редот на летови поради штрајк и протест на работниците, кои бараат повисоки плати поради инфлацијата.

Француската управа за цивилно воздухопловство објави дека 17 отсто од редовните летови, кои биле планирани во периодот од 7 до 14 часот, биле откажани од аеродромите „Шарл де Гол“ и „Орли“, главно летови на кратки релации.

Планирани се протести на двата аеродрома, а Париската управа предупреди на можни одложувања при влегувањето на терминалите и при пријавувањето, пасошите и безбедносните контроли.

Досега француските аеродроми главно беа заобиколувани од хаосот кој неодамна беше забележан во Лондон, Амстердам и некои европски и американски градови.

Сепак, денеска, на првиот ден од француската летна туристичка сезона, вработените се обидоа да го свртат вниманието на последиците од инфлацијата со заминување од работа.

Од синдикатот најавуваат дека штрајкот ќе трае до недела.

Според француските медиуми, вработените на париските аеродроми бараат ретроактивно зголемување од шест отсто од 1 јануари, додека раководството предлага три отсто.

Пожарникарите на аеродромот „Шарл де Гол“ исто така штрајкуваат поради посебни барања за плати, принудувајќи го аеродромот да затвори некои писти.

Слични содржини