Штрајк на вработените во Ајфеловата кула поради нејзино неодржување

од Radmila Tasevska
278 прегледи

Вработените на Ајфеловата кула во Париз денеска ја напуштија работата во знак на протест поради неодржувањето на оваа светски позната туристичка атракција која годишно ја посетуваат седум милиони туристи.

Тие тврдат дека Ајфеловата кула е запоставена и треба подобро да се управува, дека приходот е преценет, а трошоците за одржување се потценети, пренесува Ле паризиен.

„Ајфеловата кула вообичаено треба да се префарбува еднаш на секои седум години, а не е префарбана цели 14 години и почна да рѓосува“, изјави синдикалниот претставник Денис Вавасори.

„Очигледно е дека кулата е во лоша состојба“, додаде Вавасори.

Вработените кои работат 30 години во фирмата за одржување на Кулата велат дека никогаш не ја виделе во полоша состојба.

Ајфеловата кула, која се наоѓа во близина на Сена, е изградена во 1889 година.

Слични содржини