Штрајкуваат работниците кои го градат автопатот Кичево – Охрид

од desk2
175 прегледи

Стотина работници од компанијата Трансмет на бизнисменот Сеад Кочан, кои работат на изградба на автопатот Кичево – Охрид денес протестираа поради неисплатени три плати и придонеси за пензиско и здравствено осигурување. Иако првично планирале да го блокираат главниот пат, полицијата не им дозволила, па го блокираа патот кој води кон селото Извор.

„Платите ни доцнат за септември, октомври, ноември. Немаме осигурување. Сè додека не ни исплатат, ќе продолжиме да штрајкуваме.“ – рече Африм Кадриоски, работник

„Вчера имавме средба со газдата на Трансмет, Сеад Кочан. Тој нè извести дека фирмата нема пари, дека на фирмата државата и должела 3 милиони евра и бидејќи биле празници, за да не оставеле, да ни дадат нешто како социјална помош. Ние тоа не го прифаќаме…“ – изјави Горанчо Ризанкоски- претседател на штрајкувачки одбор

„Му порачуваме на газдата на фирмата што побргу да ни ги исплатат личните доходи. Имавме менза овде и истата ја укинаа. Сега и јадење си носиме од дома.“ – вели Бранко Никодиноски- работник

Од фирмата уверуваат дека до крајот на оваа недела ќе бидат исплатени две од заостанатите три плати и оти работите на автопатот ќе продолжат. Работниците пак, за утре најавуваат дека кај селото Извор ќе го блокираат локалното седиште на кинеската компанија Синехидро која е главен изведувач на работите. Инаку, против бизисменот Сеад Кочан е во тек судска постапка околу сомневањата за незаконско добивање тендер за ископ во РЕК Битола од 17 милиони евра./Алсат М