Шукова: Немаме што да криеме за проектот „Чебрен“

од Radmila Tasevska
394 прегледи

Документи никогаш не криеме, секогаш сме транспарентни. Во текот на постапката не можеме да ги споделуваме документите. Откако ќе заврши постапката, апсолутно се ќе биде споделено со јавноста. Немаме што да криеме, изјави вечерва министерката за животна средина и просторно планирање Каја Шукова во врска со проектот „Чебрен“.

Во емисијата „Топ тема“ на телевизија Телма, Шукова рече дека до крајот на годината ќе има конкретни информации дали ќе продолжи проектот. Рокот за потпишување на договорот е продолжен поради жалбената постапка од страна на грчката компанија „Архидрон“, а банкарската гаранција истекува на 31 декември.

– Заради жалбената постапка, рокот се продолжи некаде до средината на јануари, банкарската гаранција на компанијата е до 31 декември. Очекуваме одговор од нивна страна, рече Шукова, додавајќи дека ако не се продолжи банкарската гаранција, понудата претстанува да важи.

Според Здружението на инженери на Македонија, проектот за изградба на хидроцентралата „Чебрен“ по пат на јавно-приватно партнерство е штетен и со него се нарушува електроенергетската независност на земјава и се дава на управување воден ресурс кој, како што посочуваат, е веројатно најзначаен во овој век.

Оттаму денеска информираа дека доставиле барање до Министерството за животна средина и просторно планирање (МЖСПП) за пристап до информации од јавен карактер во однос на документацијата за Чебрен.

Слични содржини