Ковид-19 и енергетската криза доведоа до тоа да се забави транзицијата кон обновливи извори. Сепак, прв пат слушам околу тоа дали сме донеле одлука како Влада да биде до 2050 година. Не сум видела таков документ. Не знам што му била целта кога кажал така, вели за „Локакно“ поранешната министерка за животна средина, Каја Шукова по најавите на вицепремиерот и министер Изет Меџити дека Македонија практично ќе ја забави енергетската транзиција од јаглен кон обновливи извори до 2050 година.
Шуков е децидна дека не е запознаена дали има донесена ваква одлука на Влада.
-Ако се донела, најверојатно требала да се објави јавно. Сметам дека процесот треба да оди побрзо во рамките на расположливите можности на државата, посочува екс-миинистерката.
Сепак, нагласува дека зелената агенда за Западен Балкан кажува дека регионот се придружува кон иницијативата на ЕУ до 2050 години сите да бидеме јаглеродно неутрални, да не користиме горива и да не произведуваме јаглерод диоксид.
-Но, колку е побрзо, толку е подобро. Кога станува збор за Парискиот договор, таму е нешто друго. Таму сите кажуваме дека ќе допринесуваме како земји за да го неутрализираме влијанието врз климатските промени за да не се зголемува глобалната просечна температура. Се е едно со друго поврзано. Колку како земја побрзо ќе се трансформираме кон обновливи извори за енергетија, толку е подобро за државата. Колку повеќе го пролонгираме, толку е полошо, посочува Шукова во разговорот.
Вели дека нејзниот претходен став кога беше дел од МЖСПП, но и сега, е дека треба да се намалат производствените процеси кои што доведуваат до зголемување на јаглеродниот отпечаток.
-Енергетскиот сектор е најголем производител, но не и единствен – и транспортниот, земјоделството, отпадот…, констатира поранешната министерка.
„Северна Македонија има за цел да се откаже од употребата на јаглен за енергетски потреби до 2050 година, почитувајќи ги роковите на ЕУ за транзиција кон обновливи извори на енергија“, рече првиот вицепремиер и министер за животна средина и просторно планирање, Изет Меџити на 9-та годишна конференција за енергетска безбедност на Централна и Источна Европа во Вашингтон.
Дури и за ваквата транзиција тој смета дека ќе треба силна финансиска и техничка поддршка од ЕУ и САД.
-Имајќи ја предвид стратешката позиција на Северна Македонија на Балканот, како и влијанието на војната во Украина и руското влијание, сакам да ја нагласам потребата од зголемено вклучување на САД и ЕУ. Оваа поддршка е од витално значење за да се обезбеди енергетска независност и да се намали руското влијание во регионот, истакна Меџити.
На климатскиот самит КОП28 лани во Дубаи, Македонија ја претстави инвестициската платформа за правична енергетска транзиција за да го спроведе планот проценет на 3 милијарди евра за затворање на електраните на јаглен и префрлување на зелени и обновливи извори на енергија. Европската банка за обнова и развој (ЕБОР) тогаш ја поддржа македонската влада во развојот на платформата и ќе ја предводи координацијата со меѓународните партнери.
Планот, според платформата, предвидува затворање на двете електрани на јаглен во Македонија, РЕК Битола и ТЕЦ Осломеј, и нивна замена со 1,7 гигавати обновлива енергија. На тој начин, Македонија за 82 отсто би ги намалила нето емисиите на стакленички гасови до 2030 година во споредба со нивоата од 1990 година.
Уште пред неколку години, Македонија ја усвои новата Енергетска стратегија во која е поставено зеленото сценарио, а го ревидираше и Националниот придонес кон климатскиот Париски договор. Земјите од Западен Балкан станаа дел и од Зеленот договор постигнат во ЕУ.
Инаку, енергетска транзиција значи трансформација на енергетскиот сектор од производство на енергија од фосилни горива, кон употреба на обновливи извори ана енергија. Целта е земјите да ги намалат емисиите на јаглерод диоксид (CO2) за да ги лимитираат ефектите од климатските промени и да го намалат загадувањето.
Н.П.