Швајцарија со над 100 милиони франци ќе помогне во деминирање на Украина

од Radmila Tasevska
168 прегледи

Швајцарските власти денеска соопштија дека ќе одвојат 100 милиони швајцарски франци (околу 103 милиони евра) за отстранување на мините во Украина во периодот од 2024 до 2027 година.

Помошта ќе овозможи обезбедување опрема и обука на украинските деминери за хуманитарни цели, се наведува во соопштението на швајцарската федерална Влада.

Поради својот неутрален статус, Швајцарија не може да помогне во операциите за деминирање за воени цели.

– Украина денес се смета за една од земјите со најмногу мини и експлозивни направи во светот, истакна швајцарската министерка за одбрана Виола Амхерд претставувајќи го планот за финансирање.

Употребата на мини, противпешадиски или противтенковски, е широко распространета откако Русија окупираше дел од украинската територија во 2014 година и е значително зголемена од 24 февруари 2022 година откако почна руската инвазија врз Украина.

Една третина од територијата на Украина е контаминирана со мини и други експлозивни направи, што е околу 174.000 квадратни километри, површина поголема од Англија, Велс и Северна Ирска.

Слични содржини