„Доколку Швајцарија дозволи увид во сметките, Управата за спречување перење пари и финансирање тероризам ќе испита дали има евентуално кривично дело“, кратко одговараат од македонското Министерство за финансии, посочувајќи ја вистинската адреса за истрага околу евентуални тајни сметки на македонски граѓани во швајцарски банки, пишува Дојче веле.
Управата за спречување перење пари и финансирање тероризам, која веќе неколку години е преименувана во Управа за финансиско разузнавање, е орган во состав на Министерството за финансии, но има својство на посебно правно лице. Таа од 2004 година е членка во „Групата Егмонт“ (основана во 1995 година во палатата Егмонт Аренберг во Брисел, каде е одржан првиот состанок на неколку финансиско-разузнавчки служби) со што е рамноправен партнер на Единиците за финансиско разузнавање од светот. Информациите кои ги поседува, а се од интерес на другите држави, треба навремено и заштитено ги доставува, а истовремено може да бара информации кои се од интерес на Македонија. Од Управата за финансиско разузнавање (УФР) не се достапни за одговор, зошто и покрај вакавата неограничена можност за размена на податоци, досега не е побарана информација на темата „тајни швајцарски сметки“. Не е само во прашање откривањето на даночното затајување, туку и проверката дали тој капитал е стекнат легално или не, и како е изнесен од земјата.
Интересот доби интензитет откако Меѓународниот конзорциуим за истражувачко новинарство (ИЦИЈ) во февруари година објави дека сметки во швајцарски банки имаат и македонски граѓани. Според истражувањето на ИЦФЈ, само во швајцарската филијала на британската банка ХСБЦ биле регистрирани 15 сметки на девет клиенти „поврзани со Македонија“, на кои биле вложени 164 милиони долари, од кои само еден на својата сметка имал 54,6 милиони долари. Вложувањата биле извршени во периодот од 1988 до 2006 година. Според бројот на клиенти во оваа банка, Македонија била 157 на листата, а пред неа се Србија на 106 место, Хрватска на 107, Црна Гора на 132, Словенија на 146, БиХ на 164 и Албанија на 194 место. Колку македонски граѓани имаат сметки во други швајцарски банки, допрва треба да се утврди.
И додека УФР доцни со постапување по ова прашање, иницијативата ја презеде Основното јавно обвинителство за гонење на организиран криминал.
Според правни експерти, од ова образложение не е јасно дали постапката е индивидуализирана, односно насочена кон конкретни лица за кои ќе се бараат податоци во врска со конкретни дела. Ако не е така водена постапката, се сомневаат дека ќе има резултати. Како илустрација го посочуваат и неодамнешното искуството на Хрватска, кога сојузните власти во Берн го одбија барањето на официјален Загреб за информации во врска со хрватски штедачи во швајцарската филија на банката ХСБЦ, но и во други банки. Истражувањето на ИЦИЈ откри дека меѓу штедачите во филијалата на ХСБЦ има најмалку 27 клиенти од Хрватска кои отвориле вкупно 40 сметки, а уште 77 сметки во истата филијала на различни начини биле поврзани со нив.
Имајќи го предвид овој пример, правни експерти се сомневаат дека македонското Обвинителство „се охрабрило“ да постапува, токму затоа што однапред знае како тоа ќе заврши. Но, не сакаат да коментираат се додека не слушнат што ќе произлезе оттаму како конкретна активност, по што точно ќе се знае дали намерата е искрена или е само „поза“.
Целиот текст прочитајте го на Дојче веле на следниот линк.
