Светски познатиот актер и поранешен гувернер на Калифорнија, Арнолд Шварценегер, денес во Виена повика на поголема надеж во комуникацијата.
„Населението е преплавено со негативни наслови за топење на санти мраз, поплавени градови, исушени земји, војни и миграции. Дали е чудо што граѓаните се збунети и очајни поради ваквите вести?“, рече тој на Светскиот самит во Австрија.
Шварценегер истакна дека се потребни едноставни пораки во борбата против климатските промени и, пред сè, успесите во таа област. Во врска со ова, тој го спомна еден од филмовите во кои играше, велејќи дека и во најмрачните делови на Терминатор, протагонистите имаа надеж.
„Сите ние сме кројачи на сопствената судбина“, рече Шварценегер.
Таа надеж, вели тој, недостасува во дебатата за борба против климатските промени, која е обележана само со „постојани аларми“.
Тој посочи дека во меѓувреме има охрабрувачки успеси, како во економијата, така и во политиката.
Во врска со ова, тој изјави дека компанијата „Епл“ одлучила да произведува климатски неутрални производи до 2030 година.
„Ако сите соработуваме, тогаш ќе ставиме крај на загадувањето“, убеден е Шварценегер.
Според него, активистите треба да се фокусираат на темата загадување на воздухот, бидејќи повеќе од седум милиони луѓе умираат од тоа годишно.
„Тоа е повеќе од починатите за време на пандемијата на корона“, истакна тој.