Шведска ја затвори истрагата за саботажите на Северен тек 1 и 2

од Stefanija Kuzmanovska
191 прегледи

Шведското јавно обвинителство денеска соопшти дека ќе се откаже од дополнителните истраги за експлозиите на гасоводите Северен тек 1 и 2.

„Заклучокот од истрагата е дека Шведска нема надлежност и затоа истрагата треба да се затвори“, стои во соопштението на шведското обвинителство, пренесува „Ројтерс“.

Неколку германски медиуми, меѓу кои „Цајт“ и „Зидојче Цајтинг“, вчера објавија дека шведското јавно обвинителство најверојатно ќе ја затвори истрагата за саботажите на гасоводите Северен тек 1 и 2 во Балтичкото Море.

Шведскиот јавен обвинител Матс Љунгквист очигледно сака да ја запре постапката, а очигледно е дека шведските власти не успеале да идентификуваат ниту еден конкретен осомничен во нивната земја, објави германски економски портал.

Истрагата на Германија за експлозиите на гасоводите Северен тек 1 и 2 ќе продолжи и покрај шведското повлекување, наведе „Ројтерс“.

Во септември 2022 година беа регистрирани неколку експлозии во близина на островот Борнхолм во Балтичкото Море, а малку подоцна беше откриена штета на гасоводите Северен тек кои пренесуваат руски гас до Германија.

Потоа беа започнати истраги во Шведска, Германија и Данска.

Во ноември 2022 година, Љунгквист го потврди сомнежот дека се работи за саботажа откако беа пронајдени остатоци од експлозив.

Во заедничко писмо до Советот за безбедност на ОН во летото 2023 година, амбасадите на Германија, Данска и Шведска напишаа дека истражителите откриле траги од експлозив на сомнителна едрилица.

Се наведува дека едрилицата била користена за транспорт на експлозиви користени во саботажите.

Слични содржини