Шведска не планира да дава вакцина против Ковид-19 на деца на возраст од пет до 11 години, објави денеска тамошната Државната здравствена агенција, наведувајќи дека придобивките не ги надминуваат ризиците.
„Со постоечките сознанија, ако знаеме дека постои мала веројатност за сериозен тек на болеста кај децата, не гледаме конкретен бенефит да ги вакцинираме“, изјави претставничката на здравствената агенција Брита Бјоркхолм, пренесе Ројтерс.
Таа рече дека одлуката може да се ревидира доколку идните истражувања покажат поинаку или ако се појави нов вид, а вакцината да ја добијат децата на таа возраст, кои припаѓаат на високоризични групи.
Шведска регистрираше повеќе од 40.000 случаи на 26 јануари, што е еден од најголемите бројки за време на пандемијата.
Фото: Getty Images