Шведската влада ја разгледува можноста за укинување на забраната за ископување ураниум што е на сила од 2018 година. Во текот на декември 2024 година беше предложено ураниумот да биде вклучен во т.н концесиски минерали, кои се регулирани со Законот за минерални суровини.
Тоа би овозможило експлоатација на наоѓалишта на ураниум во Шведска, што е во согласност со енергетската стратегија насочена кон проширување на нуклеарната енергија.
Шведска има шест активни нуклеарни реактори кои произведуваат речиси една третина од електричната енергија во земјата, поради што ураниумот е од големо значење за енергетскиот сектор во земјата. Сепак, целиот ураниум потребен за нуклеарната програма се увезува, иако се проценува дека нејзината почва содржи повеќе од една четвртина од докажаните резерви на ураниум во Европа, според World Nuclear News.
Затоа, предложените законски измени би можеле значително да ја подобрат енергетската независност на земјата. Доколку бидат усвоени, новите законски одредби треба да стапат во сила од 1 јануари 2026 година.
Едно од најважните наоѓалишта на ураниум во Шведска се наоѓа во областа Хаган. Според проценките, наоѓалиштето содржи доволно резерви за да ги задоволи потребите на Шведска за ураниум повеќе од 300 години, на сегашното ниво на потрошувачка.
Министерот за клима и животна средина посочи дека искористувањето на домашните резерви на ураниум ќе биде неопходна во борбата против климатските промени, како и зависноста од фосилните горива.
Укинувањето на забраната би можело да придонесе за економската стабилност на Шведска, со оглед на зголемената потреба од извори на енергија со низок јаглерод низ целиот свет. Исто така, евентуалното отворање на рудник за ураниум во Шведска може да привлече нови инвестиции, да отвори дополнителни работни места и да го зголеми извозот.