ШВЕДСКАТА кралска двојка ретко зборува за својот приватен живот, но на гласините за развод од принцезата Викторија и нејзиниот сопруг принцот Даниел мораа да реагираат. Имено, веќе некое време кружат гласини дека Викторија и Даниел се разведуваат, а сега парот за тоа проговори и на Инстаграм.
„Дознавме дека се шират негативни гласини за нашата приватна врска. Се шират гласини за брачна измама и претстоен развод. Нормално, не ги коментираме гласините и шпекулациите. Но, за да го заштитиме нашето семејство, сакаме еднаш засекогаш да го разјасниме дека тие гласини што сега се шират се целосно неосновани“, напишаа Викторија и Даниел.
Шефот за комуникации на шведското семејство Маргарета Торгрен пред неколку недели издаде соопштение во кое ги негираше гласините за развод, велејќи дека палатата нема да коментира за таквите озборувања. Но, бидејќи гласините продолжија, тие мораа да реагираат.
„Ова беше извонреден случај, не сме се сретнале слично нешто досега“, изјави Торгрен за шведскиот весник „Афтонбладет“.
Шведската престолонаследничка се омажи за Даниел во 2010 година во катедралата во Стокхолм и заедно имаат две деца.