Шведски меѓународен центар го смести Костадинов во петте градоначалници од целиот свет кои направиле позитивни трансформации за демократијата на општинско ниво

од Vladimir Zorba
269 прегледи

Шведскиот меѓународен центар за локални демократии го вброи градоначалникот на Валандово, Перо Костадинов во петте градоначалници од целиот свет кои направиле позитивни трансформации за демократијата на општинско ниво. Како што велат од Центарот, тие барале лидери кои демонстрираат посветеност и креираат активности и мерки за правичност, вклученост, транспарентност и одговорност.

„Побаравме предлози од граѓани од целиот свет за градоначалник кој направил позитивна промена во нивната општина во последните десет години. По 141 номинација, ги најдовме кандидатите со најјасни и најубедливи описи на позитивни промени – шампиони на локалната демократија“, соопштија од Центарот.

Оттаму за Перо Костадинов велат дека како градоначалник на Валандово, има реализирано повеќе иницијативи и проекти за создавање на поинклузивно и потранспарентно општество.

-Кога тој ја презеде функцијата во 2017 година, општината имаше нефункционална веб-страница со ограничени податоци и без простор за развој или инклузивност на граѓаните. Сепак, во 2018 година беше развиена нова веб-страница, ангажиран е ИТ администратор и набавена е нова ИТ опрема, што доведе до значителни подобрувања во техничкиот капацитет на општината. Овие напори вродиле со плод, бидејќи општина Валандово е на прво место меѓу сите општини во однос на активна транспарентност, покажува истражувањето спроведено од Центарот за граѓански комуникации, се наведува од шведскиот Центар.

Според нив, спроведената дигитализација одиграла клучна улога во работењето на општинската администрација.

-Градоначалникот Перо Костадинов воведе различни дигитални алатки кои ја подобруваат пристапноста до локалната самоуправа и ја олеснуваат директната комуникација и соработка помеѓу граѓаните и институцијата како што е дигиталната алатка „mZaednica“ која овозможува двонасочна електронска комуникација помеѓу граѓаните и локалната самоуправа. Оваа алатка се покажа како особено корисна за време на пандемијата како сигурен канал за комуникација со граѓаните. Костадинов ја промовира и иницијативата „Селектирај отпад“, дигитална алатка која има за цел да ги мотивира граѓаните да учествуваат во селекцијата на отпадот притоа обезбедувајќи им лични парични придобивки и во моментов помага во селекција на шест до седум тони отпад годишно, се истакнува во образложението на признанието.

Оттаму потсетуваат и на други реализирани мерки во општината, кои се од големо значење за граѓаните.

-Реализирана е поддршка од 20.000 денари за лица со попреченост, во време на енергетската и економската криза. Оваа субвенција ја искористија 56 семејства од локалната заедница. Поттикната е инклузивноста на граѓаните во процесот на буџетирање преку дигитални алатки. Повеќе од 150 идеи беа предложени од граѓаните и разгледани за вклучување во буџетот за 2023 година. Локалниот младински совет беше формиран за да обезбеди платформа за нивна инклузивност. Во текот на изминатата година, евидентирани се 76 официјални активности поврзани со младите, што ја истакнува посветеноста на општината за зајакнување на младите и учество во заедницата, информираат од шведскиот Меѓународен центар за локални демократии.

Слични содржини