Шведскиот крал Карл 16-ти Густав верува дека стратегијата на неговата земја да се бори против коронавирусот не успеа да ги заштити старите лица од последиците на пандемијата.
„Мислам дека не успеавме. Имаме голем број смртни случаи и тоа е страшно. Тоа е нешто поради што страдаме сите“, рекол шведскиот монарх, пренесува АП.
„Мислам на сите членови на семејствата кои не успеаја да се збогуваат со починатите“, изјавил кралот во божиќното интервју што ќе се емитува на 21 декември на шведската национална СВТ.
Неговите коментари уследија по заклучоците на независна комисија која ја проучуваше стратегијата на Шведска за борба против пандемијата, во која се наведува дека грижата за стари лица во Шведска има големи структурни недостатоци и дека властите се покажале неподготвени да одговорат на пандемијата.
Шведска се издвојуваше меѓу европските и другите земји по начинот на справување со пандемијата, не барајќи заклучување долго време и потпирајќи се на чувството за граѓанска должност на нејзините жители.
Во септември, Шведска ја укина забраната за посета на корисниците на домовите за стари лица, проследена со забрана откако повеќето смртни случаи беа пријавени на почетокот на оваа година кај луѓе постари од 70 години, од кои многумина беа во домови за стари лица.
Речиси 7.700 смртни случаи поврзани со коронавирус се пријавени во оваа скандинавска земја.