Шведскиот премиер користи AI за да ја води земјата, експертите загрижени: „Не гласавме за ChatGPT“

„Често ја користам, ако не поради друга причина, туку поради различно мислење. Што направија другите? И дали треба да одиме во сосема спротивен правец? Тоа се прашањата што ги поставувам“, рече тој, објави „Гардијан“

од Vladimir Zorba
15 прегледи

Шведскиот премиер Улф Кристерсон е критикуван откако јавно призна дека редовно користи алатки за вештачка интелигенција во својата секојдневна работа, вклучувајќи го ChatGPT и француската услуга LeChat, за да добие „второ мислење“ за политичките одлуки.

Кристерсон, шеф на централно-десничарската Умерена партија во шведската влада, за бизнис-весникот „Дагенс индустри“ изјави дека користи вештачка интелигенција „доста често“, особено кога сака да спореди различни пристапи кон некој проблем.

„Често ја користам, ако не поради друга причина, туку поради различно мислење. Што направија другите? И дали треба да одиме во сосема спротивен правец? Тоа се прашањата што ги поставувам“, рече тој, објавува Гардијан.

Предупредувања од научната заедница

Изјавите на Кристерсон предизвикаа бран загриженост кај експертите за технологија и етика. „Афтонбладет“, еден од најчитаните дневни весници во Шведска, го обвини премиерот во уреднички текст дека „подлегнал на психозата на вештачката интелигенција кај олигарсите“, алудирајќи на глобалниот ентузијазам на големите технолошки компании за примена на вештачката интелигенција во секоја сфера на општеството.

Професорката по компјутерски науки од Универзитетот Карлштад, Симоне Фишер-Хибнер, во интервју за „Афтонбладет“, предупреди на можни безбедносни и етички ризици. „Мора да бидете многу внимателни. ChatGPT не смее да се користи за обработка на чувствителни податоци“, рече таа.

Портпаролот на Кристерсон, Том Самуелсон, исто така се осврна на критиките, кој се обиде да ги ублажи реакциите нагласувајќи дека вештачката интелигенција се користи само за општи насоки. „Секако, не станува збор за информации чувствителни на безбедноста. Станува збор за користење алатки повеќе во смисла на размена на идеи“, рече тој.

„Не гласавме за ChatGPT“

Сепак, загриженоста не стивнува. Вирџинија Дигнум, професорка по одговорна вештачка интелигенција на Универзитетот Умео, верува дека вештачката интелигенција едноставно не е способна да донесува значајни политички проценки.

„Вештачката интелигенција не дава мислења. Таа само ги репродуцира ставовите на оние што ја создале. Колку повеќе ја користиме за банални работи, толку е поголема опасноста да станеме премногу самоуверени во системот“, изјави таа за „Дагенс Нихетер“. „Мора да бараме гаранции за сигурност. На крајот на краиштата – ние не гласавме за ChatGPT.“