Кинескиот претседател Си Џинпинг попладнево се сретна со францускиот претседател Емануел Макрон, а по средбата следеше обраќање пред новинарите.
Во таа прилика Си Џинпинг изјави дека во однос на кризата во Украина, Кина инсистира на промовирање мирни преговори и политичко решение.
„Кина би сакала да ѝ се придружи на Франција во повикот на меѓународната заедница рационално да се воздржи од преземање дејствија кои дополнително ја влошуваат кризата или дури доведуваат до губење на контролата.
Неопходно е сите страни во конфликтот да го почитуваат меѓународното хуманитарно право, да се воздржат од напади врз цивили и цивилни објекти и да ги заштитат жените, децата и другите жртви на конфликтот.
Треба искрено да се почитува заложбата дека нема да се користи нуклеарно оружје и дека никој нема да користи биолошко и хемиско оружје под никакви услови.
Страните, исто така, се повикани да се воздржат од вооружени напади врз нуклеарни централи и други цивилни нуклеарни постројки.
Тие треба да ги продолжат мировните преговори што е можно поскоро и да ги земат предвид легитимните безбедносни грижи на сите страни во согласност со целите и принципите на Повелбата на ОН, како и да бараат политичко решение и да изградат избалансирана, ефективна и одржлива европска безбедност рамка.
Соработката е неопходна во однос на справувањето со ефектите од кризата во Украина кога станува збор за храна, енергија, финансии, транспорт и други области.
Исто така, неопходно е да се намали негативното влијание на украинската криза врз светот, особено врз огромен број земји во развој“, нагласи Си Џинпинг.