Кинескиот претседател Си Џинпинг во својата новогодишна порака во неделата рече дека „повторното обединување со Тајван е неизбежно“.
Оваа изјава звучи посилно во споредба со минатата година, а доаѓа на помалку од две недели пред да се одржат парламентарни и претседателски избори во Тајван, пренесува AFP.
Претседателските и парламентарните избори во Тајван закажани за 13 јануари се одржуваат во време на затегнати односи меѓу Пекинг и Тајпеј.
Кина го зголемува воениот притисок за да го потврди своето суверено право над демократскиот Тајван.
Кина го смета Тајван за своја „света територија“ и никогаш не се оддалечила од употреба на сила за да го стави под кинеска контрола, иако Си не спомна воени закани во својот говор, кој беше емитуван на државната телевизија.
– Обединувањето на татковината е историска неизбежност – рече Си, иако во официјалниот англиски превод на неговите зборови објавени од агенцијата Ксинхуа се користеше поедноставна фраза: „Кина дефинитивно ќе се обедини“.
– Сонародниците од двете страни на Тајванскиот теснец треба да бидат обединети со заедничка цел и да ја споделат славата на заживувањето на кинеската нација – додаде тој. Официјалниот англиски превод го користеше терминот „сите Кинези“ наместо „сонародници“.
Минатата година, Си само рече дека луѓето од двете страни на теснецот се „членови на исто семејство“ и дека се надева дека луѓето од двете страни ќе работат заедно за „колективно да го негуваат трајниот просперитет на кинеската нација“.
Кина особено се налути на актуелниот потпретседател на Тајван Лаи Чинг-те, претседателски кандидат на владејачката Демократска партија (ДПП), кој води во различни анкети, тврдејќи дека е „опасен сепаратист“.
Реагирајќи доцна во саботата на коментарите на Лаи за време на телевизиската претседателска дебата, кинеската Канцеларија за односи со Тајван рече дека Лаи „ги открил своите вистински бои како цврст тајвански активист за независност и уништувач на мирот во тајванскиот теснец“.
– Неговите зборови се одраз на неговото конфронтирачко размислување – изјави портпаролот Чен Бинхуа.
Поразената влада на Република Кина побегна во Тајван во 1949 година откако изгуби граѓанска војна со комунистите на Мао Це Тунг кои ја основаа Народна Република Кина. Република Кина сè уште е официјалното име на Тајван.
Лаи во саботата рече дека Република Кина и Народна Република Кина „не се потчинети една на друга“, што исто така го налути Пекинг.