Си-Ен-Ен отпушти тројца вработени затоа што ја прекршиле политиката на компанијата, бидејќи дошле во канцеларија невакцинирани против Ковид-19. Си-Ен-Ен има „политика за нулта толеранција“ за сите вработени кои не се вакцинирани и се здружуваат во колективот, се вели во писмото на извршниот директор Џеф Закер.
„Во изминатата недела бевме информирани за тројца вработени кои дојдоа невакцинирани. Сите тројца добија отказ. Да бидам јасен, имаме политика на нулта толеранција по ова прашање“, се вели во соопштението.
Извршниот директор, исто така, објави дека Си-Ен-Ен ќе го одложи враќањето на работниците најавено за 7 септември, најверојатно до „средината на октомври“ поради зголемувањето на новозаразените со коронавирус поради високата активност на делта сојот.
„Мислам дека е фер да се каже дека сите чувствуваме мешавина на исчекување, вознемиреност, фрустрација, конфузија и незадоволство“, напиша Закер.
Порастот на заразени со делта сојот, од кои огромното мнозинство се невакцинирани, ги наруши плановите за враќање на работа и принуди многу компании од приватниот сектор да се вратат на задолжителното носење маска и да заземат поцврст став за вакцинација против Ковид-19.