Сопругата на сменетиот сириски претседател Башар ал Асад, Асма, побарала развод за да замине во Лондон, незадоволна од условите за живот во Москва, каде семејството побарало азил, јавува „Си-Ен-Ен Турк“.
Асма ал Асад, која има и британско државјанство, се обратила до руските судови и побарала посебна дозвола да ја напушти Москва.
Сепак, се тврди дека барањето се уште е во фаза на евалуација и дека иако е прифатено барањето на Башар ал Асад за азил во Русија, воведени се строги ограничувања.
На Асад строго му е забрането да ја напушти Москва или да се занимава со каква било политичка активност. Покрај тоа, руските власти го замрзнаа неговиот пристап до имот и финансиски ресурси. Барањето за азил на братот на Башар ал Асад, Махир ал Асад се уште се разгледува.
Асад е во Москва, каде што тој и неговото семејство добија азил, по бегството од Сирија, каде сириските бунтовнички сили ја презедоа контролата.
Асма Асад има и британско државјанство бидејќи е родена во Западен Лондон, каде што сè уште живеат нејзините родители. Нејзиниот татко е кардиолог, а нејзината мајка работела во сириската амбасада во Лондон.
Се школувала во приватно училиште, студирала компјутерски науки на престижниот Кралски колеџ во Лондон, а подоцна станала инвестициски банкар.
Во Лондон го запознала Башар ал Асад, кој дипломирал медицина во Дамаск, а во Лондон бил на специјализација за офталмологија.
Асма се преселила во Сирија во 2000 година кога се омажила за Асад, само неколку месеци откако тој го наследи својот татко Хафез ал Асад како претседател. Имаат три возрасни деца, два сина и една ќерка.