“Си ги гледаме децата само по Скајп”

од desk3
70 прегледи

Ниски плати, лошо управување, непотизам: поради сето тоа се повеќе млади луѓе го напуштаат Балканот. Феномен со фатални последици за нивните сопствени земји, пишува  “Зидојче цајтунг”. 

“Тато, разбери ме, не сакам да живеам во оваа земја” – со овие зборови Нина се збогуваа со татко си пред да се качи во автобусот за Виена. 31-годишната девојка е  една од илјадниците млади Срби, кои и го свртеа грбот на татковината. “Децата не ни  издржуваат тука – и затоа веќе ги гледаме само по Скајп”, вели со горчина таткото.

Дали во Белград, Софија, Букурешт или Атина: историјата на Нина и нејзиниот татко се повторува насекаде на Балканот. Ниските плати, високата невработеност и раширениот непотизам ги поттикнуваат  младите луѓе се повеќе да ги напуштаат своите родни места и да се упатуваат кон земјите како Австрија и Германија. Решение со фатални последици за нивните сопствени земји, бидејќи речиси насекаде на Балканот работоспособното население се намалува, пишува “Зидојче Цајтунг” и забележува дека нема друг регион во Европа, од каде емигрираат толку многу млади и добро квалификувани луѓе како што се  Бугарија, Романија, Албанија, Грција и земјите од поранешна Југославија.

Балканот искрвавува

Според експертите од Светскиот економски форум во Давос, сите овие држави се соочуваат со сериозни тешкотии да ги задржат младите таленти во нивната татковина. Според овој показател Србија дури го зазема последното место меѓу вкупно 138 испитани земји. Денес земјата има население од околу 7 милиони луѓе, а бројот на Србите што живеат во странство, се пресметува на околу 3,5 милиони. Со тенденција кон пораст – во 2014 од земјата се иселени 58 000 Срби – двојно повеќе отколку во 2007.

Според авторот на написот во “Зидојче цајтунг”, тоа главно се должи на високата невработеност кај младите луѓе. Појава која не влијае само во Србија: секој четврти млад човек  во Хрватска е без работа, а во Грција и Македонија – дури секој втор. Локалните пазари на труд често се доста цврсти и даваат шанси главно на постарите – најмногу во државната администрација. “Зидојче Цајтунг” цитира податоци за Србија, од кои произлегува дека од двата милиони луѓе кои официјално имаат работа, половина милион се вработени во државната администрација, а други 300 000 – во државни фирми. Нови, но непривлечни работни места, се нудат единствено во трговијата и во услугите, прецизира весникот и додава дека додека во Белград моловите растат како печурки по дожд, многу други српски градови буквално се распаѓаат.

Во Смедеревска Паланка пример, на 80 километри од Белград, пред тоа имало најмалку седум големи фабрики. Денес останала само една – фабриката за железнички вагони “Гоша”, каде работат едвај 350 луѓе – два пати помалку отколку пред неколку години. Оваа пролет фабриката беше во центарот на медиумското внимание, откако еден од работниците во очај си посегна по својот живот – бидејќи не добивал редовно плата, мажот веќе не можел да обезбеди живот за своето  семејство. Милан Вучиќ кој работи во фабриката три децении, раскажа дека со години не добил целосна плата – дека месечната плата му е само 200 евра. Децата исто така му заработуваат премалку – иако имаат високо образование, неговата ќерка и неговиот син се принудени да работат како продавачи – таа во пекарница, а тој во продавница за електрични апарати. “Ништо чудно што младите луѓе се одат”, вели Вучиќ.

Патот на Запад е лесен за медицински сестри или лекари од трите земји-членки на ЕУ, Бугарија, Романија и Грција. Во Германија тие се вработуваат во испразнетите места во болниците и во старечките домови, пишува во текстот “Зидојче Цајтунг” и прецизира дека германската влада во меѓувреме има склучено соодветни договори и со Србија и Босна. Секоја година од Србија кон Германија си одат илјада лекари. Причините за тоа се повеќе од јасни: според медицинската сестра Ранка Јесиќ, цитирана во статијата, во Србија луѓето со нејзината професија добиваат во просек по 284 евра месечно, додека во Германија заработуваат околу 2.000 евра, плус додатоци за ноќна работа и за работа во неделата .

Друг фактор кој го засилува одливот на младите луѓе од регионот, е широко распространетиот непотизам, се вели уште во статијата. Меѓународниот монетарен фонд неодамна во своето истражување покажа присуството на “сериозна негативна врска” меѓу квалитетот на државното управување и емиграцијата: борбата против корупцијата, отпорноста на правната држава и други белези за добро управување во Југоисточна Европа многу помалку развиени отколку на пример во Централна Европа или во балтичките земји.

Слични содржини