Си и Мелони разговараа за ризикот од влошување на ситуацијата на Блискиот Исток

од Илинка Илиоска
18 прегледи

Кинескиот претседател Си Џинпинг и италијанската премиер Џорџа Мелони разговараа за актуелни меѓународни прашања, вклучувајќи го и ризикот од влошување на ситуацијата на Блискиот Исток и војната во Украина, како и тензиите во индо-пацифичкиот регион, соопшти денеска италијанската влада.

Двајцата разговараа и за други глобални прашања како што се вештачката интелигенција, борбата против климатските промени и реформата на Советот за безбедност на ОН, пренесе Анса.

Си и Мелони го истакнаа позитивниот развој на односите меѓу Италија и Кина во контекст на дваесетгодишнината од Глобалното стратешко партнерство, нагласувајќи ја важноста од урамнотежена соработка заснована на взаемна доверба, соопшти италијанската агенција.

Мелони, која учествуваше и на италијанско-кинескиот бизнис форум во Пекинг, истакна дека нејзината влада се обидува да воспостави пофер трговски односи со Кина. Таа се залагаше за поголема рамнотежа во трговската размена меѓу двете земји, пренесува италијанската новинска агенција Анса, која го наведува и фактот дека трговскиот дефицит на Италија со Кина минатата година пораснал на повеќе од 40 милијарди евра.

Кинескиот лидер Си Џинпинг на отворањето на форумот рече дека Кина и Италија мора да ја зголемат трговската и инвестициската соработка.

За време на посетата на Мелони се очекува да бидат потпишани повеќе билатерални договори од областа на трговијата и индустријата. Кина е најголемиот трговски партнер на Италија надвор од ЕУ.

Односите меѓу Рим и Пекинг неодамна беа обележани со несогласувања. Минатиот декември, Мелони ја информираше кинеската страна за повлекувањето на Италија од кинеската глобална инвестициска иницијатива „Појас и пат“, позната и како Новиот пат на свилата. Италија се приклучи на проектот во 2019 година како единствена членка на групата Г7 од седумте индустриски најразвиени земји.

Слични содржини