Кинескиот претседател Си Џинпинг изјави денеска во Москва дека Кина е одлучно подготвена, заедно со Русија, да го поддржи меѓународниот систем во чиј центар се ОН во денешниот турбулентен свет и дека се залага за светски поредок заснован на меѓународното право.
Претседателот на Кина до 22 март е во посета на Русија на покана на рускиот претседател Владимир Путин.
Оваа посета е негово прво патување во странство откако беше реизбран за шеф на државата во трет мандат.
„Кина и Русија, како големи сили и постојани членки на Советот за безбедност на ОН, играат важна улога во меѓународните работи. Во свет далеку од мирен, Кина е подготвена заедно со Русија одлучно да го брани меѓународниот систем со центар на ОН, за да го зачува светскиот поредок заснован на меѓународното право и основните норми на меѓународните односи засновани на целите и принципите на Повелбата на ОН, се придржуваат до вистинскиот мултилатерализам, промовираат глобална мултиполарност и демократизација на меѓународните односи, промовираат развој на глобалното владеење на поправеден и порационален правец“, рече Си по пристигнувањето во Москва.
Како што јави РИА Новости, претседателот на Кина рече дека има намера да разговара со претседателот на Русија за важни регионални и меѓународни теми од заеднички интерес.
„За време на посетата, очекувам да имам темелна размена на мислења со претседателот Владимир Путин за прашања од билатералните односи и важни регионални и меѓународни теми од заеднички интерес, како и да изложам план за развој на стратешка интеракција и практична соработка“, рече Си.
Тој е убеден дека неговата посета на Москва ќе биде плодна.
„Уверен сум дека посетата ќе биде плодна и ќе даде нов поттик за здрав и стабилен развој на кинеско-руските односи на сеопфатно партнерство и стратешка соработка во новата ера“, наведе Си.