Унгарскиот министер за надворешни работи Петер Сијарто изјави дека рускиот енергетски гигант Газпром е доверлив партнер и дека руската страна најавила дека ќе ги испорача сите договорени количини гас на Унгарија дури и во случај на технички проблеми со северните и западните рути на испорака.
„Во однос на доверливоста на Гаспром, мора да се потпреме на искуството. Досега Газпром беше сигурен кон Унгарија. Треба да се нагласи дека договорената сума пристигнува секојдневно по јужната рута“, изјави Сијарто.
Тој додаде дека не треба да се смета на тоа дека Газпром ќе го прекине снабдувањето и дека Унгарија нема да добие гас, иако и тоа е реална можност.
Претходно Сијарто изјави дека е потпишан договор со Газпром, според кој од 1 септември преку „Турски поток“ и Србија ќе одат дополнителни 5,8 милиони кубни метри гас.
Во септември минатата година Унгарија и Газпром потпишаа договори за испорака на 4,5 милијарди кубни метри гас годишно во следните 15 години, од кои 3,5 милијарди кубни метри ќе доаѓаат преку Србија, а една милијарда од Австрија.