Откако протече уште еден негов разговор со рускиот министер за надворешни работи Сергеј Лавров, унгарскиот министер Петер Сијарто се огласи и порача дека истите работи ги кажува и јавно. Имено, „VSquare“ и други истражувачки организации спровеле истрага во чии рамки е објавен разговор од август 2024 година. Во него, меѓу другото, Лавров го потсетува унгарскиот министер да ја тргне сестрата на руски олигарх од листата на санкции на Европската унија. Сијарто во тој разговор му кажал дека му е „секогаш на располагање“ и дека ќе направи сè што може за да го реши тоа барање.
Сијарто во својата реакција истакна дека веќе подолго време е познато дека странски разузнавачки служби, со активна соработка на одредени унгарски новинари, ги прислушуваат или ги прислушувале неговите телефонски разговори. „Денес прислушкувачите направија уште едно големо ‘откритие’: докажаа дека истото го зборувам јавно како и по телефон… Убава работа! Веќе четири години јасно го кажувам: санкциската политика пропадна, таа ѝ нанесува повеќе штета на Европската унија отколку на Русија! Исто така, безброј пати јасно ставивме до знаење дека никогаш нема да дозволиме санкционирање на лица или компании кои се важни за безбедноста на енергетското снабдување на Унгарија или за постигнување мир, како ни на оние за кои едноставно нема смисла ниту причина да се најдат на санкциската листа. И на тоа ќе се држиме и во иднина“, наведе тој.
Дополнително, нагласи дека за санкциите редовно разговарал со министрите за надворешни работи на земји кои не се членки на ЕУ: „Инаку, списокот на прислушувани разговори не е целосен: во врска со санкциските мерки редовно разговарам, односно сум разговарал со бројни министри за надворешни работи од други, не-ЕУ земји.“
Уште пред десетина дена се појавија обвинувања дека Сијарто им доставува информации на Русите, а унгарскиот премиер Виктор Орбан тогаш објави дека му наредил на министерот за правда итно да ги истражи информациите поврзани со прислушувањето на министерот за надворешни работи. Унгарскиот министер за Европа Јанош Бока изјави дека извештаите се „лажни вести“ создадени како „очајничка реакција на подемот на Фидес во изборната кампања“. Токму изборната кампања што ја спомена дополнително ги засили тензиите во Европа. Според анкетите, на Орбан му се заканува пораз на парламентарните избори на 12 април, па во последните недели дополнително ја заостри реториката кон Брисел и Украина.