Унгарскиот министер за надворешни работи Петер Сијарто денеска изјави дека влезот на Украина во Европската унија пред земјите од Западен Балкан не доаѓа предвид.
„Иако Европската унија врши силен притисок Украина да се приклучи пред земјите од Западен Балкан, такво сценарио не доаѓа предвид“, рече Сијарто во Будимпешта за време на заедничката прес-конференција со македонскиот министер за надворешни работи Тимчо Муцунски, пренесе МТИ.
Според Сијарто, една од причините за тоа е што влезот на земјите од Западен Балкан би бил корисен за ЕУ, додека членството на Украина би го уништило функционирањето на Унијата од економска и безбедносна перспектива.
Друга причина, вели тој, е тоа што никој не мисли дека Украина денес е поподготвена за ЕУ од која било друга земја од Западен Балкан.
„Тоа е сосема бесмислено. Ако земјите од Западен Балкан се во подобра ситуација, не разбирам зошто треба да чекаат. Унгарците ќе го кажат својот збор за ова на референдум“, рече Сијарто, пренесе Танјуг.
Како што рече, случајот со Македонија е вистински пример за двојните стандарди на Европската унија, имајќи предвид дека земјата е кандидат за членство во ЕУ веќе 20 години, додека поединечни влади на членки на ЕУ постојано го блокираат процесот на интеграција.