Полскиот министер за надворешни работи Радослав Сикорски го повика основачот и извршен директор на SpaceX, Елон Маск, да ја спречи Русија да ги користи сателитите Starlink за да ја нападне Украина.
Еј, голем човеку, Елон Маск, зошто не ги спречиш Русите да го користат Starlink за да ги нападнат украинските градови?, напиша Сикорски на социјалната мрежа X, објави денес Укринформ.
Тој го предупреди Маск дека профитирањето од воени злосторства може да му наштети на брендот.
Полскиот министер во објавата цитираше извештај од Институтот за проучување на војната (ISW), во кој се наведува дека руските сили сè повеќе ги користат сателитските системи Starlink за да го зголемат дострелот на беспилотните летала BM-35 за напади врз Украина, објавува Ukrinform.
Извештајот укажува дека дострелот од 500 километри на BM-35 опремени со системот Starlink покрива поголем дел од Украина, цела Молдавија, како и делови од Полска, Романија и Литванија доколку овие беспилотни летала бидат лансирани од Русија или од окупирана украинска територија, се наведува на веб-страницата.