На светските берзи вредноста на доларот во однос на другите валути силно порасна минатата недела, достигнувајќи го највисокото ниво во последниов месец, бидејќи американската ФЕД има повеќе простор да ги зголеми каматните стапки за да ја спречи инфлацијата отколку другите централни банки. Индексот на доларот, кој го покажува движењето на вредноста на американската во однос на другите шест најважни светски валути, минатата недела скокна за 2,2 отсто, на околу 108,00 поени, највисоко ниво за еден месец.
Истовремено, доларот зајакна за 2,2 отсто во однос на европската валута, па цената на еврото се лизна на 1,0035 долари – најниско ниво од средината на јули, пишува „Seebiz“.
Курсот на доларот силно порасна и во однос на јапонската валута, за 2,6 отсто, на 136,95 јени, што е највисоко ниво од крајот на јули.
Најголемата неделна добивка на индексот на доларот од април 2020 година е благодарение на очекувањата за натамошно агресивно зголемување на каматните стапки од страна на американската централна банка.
Иако американската инфлација малку се намали во јули, таа останува блиску до највисоките нивоа во повеќе од 40 години и далеку над целните нивоа на ФЕД.
Пред конференцијата на централните банкари во Џексон Хол следната недела, лидерите на ФЕД велат дека е неопходно дополнително зголемување на каматните стапки за да се спречи инфлацијата.
Затоа, воопшто не е под знак прашалник дали ФЕД ќе ги зголеми клучните каматни стапки на седницата во септември, туку само за колку.
ФЕД ги зголеми каматните стапки за 2,25 процентни поени од март.
Според проценките на пазарот на пари, постои 54 отсто шанса ФЕД да ги зголеми каматните стапки за 0,50 процентни поени во септември, а 46 отсто шанси да ги зголеми каматните стапки за 0,75 процентни поени.
Европската централна банка (ЕЦБ) наскоро повторно ќе ги зголеми каматните стапки, имајќи предвид дека инфлацијата во еврозоната во јули достигна ново рекордно ниво од 8,9 отсто.
„Во јули решивме да ги зголемиме каматните стапки за 50 базични поени бидејќи бевме загрижени за прогнозите за инфлација. Сепак, таа загриженост од јули не стивна… Мислам дека перспективата не е значително променета. Тој потег не беше доволен да се сменат изгледите за инфлацијата“, рече минатата недела членот на одборот на ЕЦБ Изабел Шнабел.
Иако и ЕЦБ и ФЕД наскоро повторно ќе ги зголемат каматните стапки, еврото минатата недела ослабе за повеќе од 2 отсто во однос на доларот.
Од почетокот на годината доларот поскапе над 10 отсто во однос на другите валути.