Економијата на Турција повторно забележа силен раст во вториот квартал, поттикната од услужниот сектор, потрошувачката на домаќинствата и извозот, покажаа проценките на заводот за статистика.
Во трите месеци заклучно со јуни, турската економија порасна за 7,6 отсто во однос на истиот период лани, што е слично темпо како во првите три месеци кога растот беше 7,5 отсто.
Споредено со претходните три месеци, растот на бруто домашниот производ (БДП) значително забрза, од 0,7 на 2,1 отсто, пренесе Хина, повикувајќи се на ДПА.
Најголема поддршка за растот во вториот квартал имаа финансискиот и осигурителниот сектор, каде што активностите скокнаа за 26,6 отсто во однос на истиот период лани.
Значаен позитивен придонес во БДП имаа и услужниот сектор каде што активностите бележат пораст од 18,1 отсто и стручните, административните и помошните услужни дејности со раст од 11 отсто.
Меѓу другите важни компоненти на БДП, и финалната потрошувачка на домаќинствата забележа двоцифрена стапка на раст од 22,5 отсто во однос на истиот период лани.
Пораснале и финалната потрошувачка на државата и бруто-инвестициите во фиксен капитал, за 2,3 отсто, односно 4,7 отсто.
Податоците на Заводот за статистика покажуваат и раст на извозот со двоцифрена стапка, од 16,4 отсто во однос на вториот квартал од минатата година и раст на увозот, но со значително пониска стапка од 5,8 отсто.