Сиљановска: Ако се почитуваме и ако имаме волја да се разбереме, тогаш решението е на дофат

од Milan1
87 прегледи

Во дебатна пријатна атмосфера помина денешната средба меѓу претседателката Гордана Сиљановска Давкова и бугарскиот претседател Румен Радев во Софија, нагласи Сиљановска и додаде дека се уште нема конкретен датум но извесно е дека Радев ќе дојде во посета на Скопје.

„Факт е дека дијалогот е клучно решение“, нагласи Сиљановска Давкова сумирајќи ја средбата со бугарскиот колега и додаде за атмосферата на дијалогот кој го воделе. „Искрено секој од нас го кажа своето видување со респект се сослушавме, но, факт е дека ние ги претставуваме националните интереси на едната и на другата држава“, рече таа.

– Се покажа дека речта, зборот, е најважна во библијата. Уште еднаш се покажа дека кога ќе седнете да разговарате водени од добра волја bona fide, а не од mala fide ќе направите еден голем исчекор кон пронаоѓање заеднички важни решнија. Јас не сум случајно овде, дојдов за да разговарам, и се разбира дека сега го очекувам претседателот Радев да дојде во Скопје. Мислам дека, и сигурна сум дека како што честопати велам мислата може да биде побрза од светлината ако се слушаме, ако се почитуваме, ако имаме волја да се разбереме, тогаш решението е на дофат, истакна Сиљановска Давкова.

Таа одговарајќи на новинарски прашања посочи дека со претседателот Радев се обединиле околу европската интеграција, копенхашките критериуми, регионалниот пристап на решавање на проблемите, околу фактот дека научените бугарски лекции ќе ги добиеме, нема да треба да ги повторуваме грешките и оти ќе трагаме по компромис и заедничко решение без никој да се чувствува навреден или повреден и без никој да мисли дека бил заборавен.

Зад затворените врати во кабинетот на Радев рече дека не разговарале за прашањето на внесување на Бугарите во Уставот, ниту за други конкретни прашања.

– Јас да сум апсолутен монарх можам да го сменам Уставот, но пратениците ги претставуваат граѓаните, гласаат по сопствено убедување. Не можам да ја суспендирам парламентарната демократија, но се разбира дека разговаравме за сите прашања, велам разговаравме, бидејќи ние не може да донесеме решение, ниту да го наметнеме на нацијата и останатите. Но, разговаравме и тоа е здраво, изјави претседателката Гордана Сиљановска Давкова.

Таа соопшти дека бугарскиот претседател за жал вечерва нема да ја придружува во Софиската опера и балет каде заедно требаше да го одгледаат гостувањето на операта „Набуко“ на Националната опера и балет поради трагедијата која се случи во воздухопловната база Граф Игнатиево кога при пад на воен авион загинаа двајца бугарски пилоти.

Слични содржини