Сиљановска Давкова: Андов беше предводник на разумноста и трпеливоста

од Илинка Илиоска
3,1K прегледи

Претседателката Гордана Сиљановска Давкова денеска се обрати на Комеморативната седница по повод смртта на Стојан Андов, првиот претседател на Собранието на самостојна Република Македонија.

Изразувајќи сочувство по повод смртта на првиот демократски избран македонски функционер по осамостојувањето, претседателката Сиљановска Давкова истакна дека Андов беше државник, политичар, економски експерт, дипломат од висок ранг, политиколог, новинар, публицист, писател којшто ја промислуваше македонската и меѓународната сцена, притоа што е особено важно и за културниот идентитет на македонскиот народ, соживотот на сите македонски граѓани без разлика на нивната верска, идеолошка и национална припадност, соработката со соседите и светот врз односи на рамноправна основа, давајќи голем придонес на културата на сеќавањето, како предуслов за подобро утре на сите.

„Замина првиот претседател на Собранието во демократска Македонија избран на првите повеќепартиски избори, потоа избран уште два пати на истата функција, еден стамен столбник на нашата современост којшто даде сериозен придонес во политичкиот, државниот и општествениот развој во последните три децении“, рече претседателката Сиљановска Давкова.

Претседателката се осврна на идеолошките напади кон Стојан Андов, на неговата улога во југословенското државно и партиско водство, на политичките судири што ги имал во Југославија, како и неговата значајна улога во Стопанската реформа и во затворањето на ФЕНИ.

„Замина, угледен сојузен функционер во поранешната заедничка држава, дипломат кому му се доверуваа најсуштествените задолженија на меѓународен план, којшто беше член на сојузните влади во два мандати, кој што го прокрстари светот, како задолжен за односи со земјите во развој и со Европската економска заедница, претходничката на Европската Унија, којшто во име на сојузната влада го потпиша Договорот за соработка со Европската економска заедница“, нагласи претседателката Сиљановска Давкова.

Таа потсети дека Стојан Андов во деведесеттите години беше либерал, кој сметаше дека нема реформи без либералните вредности, слободите и правата и економските реформи.

Претседателката Сиљановска Давкова го истакна државничкото однесување на Андов на патот кон самостојноста и независноста, кога, како што посочи, имаше многу изблици на емоции и конфликтот беше во воздухот.

Таа рече дека Стојан Андов беше предводник на разумноста и трпеливоста со неговиот богат животен и професионален опит, одмереност, комуникативност и енциклопедиска образованост, како страствен историчар, прагматичен, со чувство за реалноста и најдобар писател меѓу политичарите.

Слични содржини