Претседателката Гордана Сиљановска-Давкова, во својство на покровителка, заедно со претседателот на Сојузот на стопански комори, Горан Ѓорѓиевски, им врачи признание „Македонски квалитет” за 2025 година, на единаесет домашни компании за нивниот придонес во развојот на македонската економија и афирмацијата на македонскиот квалитет во земјава, регионот и пошироко.
Годинешни носители на признанието се: Комерцијална банка – Скопје, Пекабеско, Малиќи Груп, Кабтел, ГОЛДЕН АРТ, Еко Логистик Сервис – Скопје, ЛТХ Леарница – Охрид, Велидент Трејд, Дамипак, НЕТАМ и БОМИ 10 ЛОГИСТИК.
За Сиљановска-Давкова наградите не се само симболична, туку и суштинска верификација на македонскиот бренд. Таа истакна дека тие не се случаен подарок, туку логична последица на стратешко размислување, примена на современи техники и технологии и системско вложување во креативен човечки капитал.
Според неа, резултатите на најдобрите компании се доказ дека македонското стопанство располага со капацитет за конкурентност, иновативност и прогрес.
Во време на глобални геополитички и економски предизвици, претседателката посака во 2026 година да создадеме поповолна и поконкурентна бизнис-клима, којашто ќе резултира со стабилен раст и подобар животен стандард за граѓаните.