Сиљановска Давкова ќе го врачи мандатот за состав на Влада

од Milan1
1,7K прегледи

Претседателката Гордана Сиљановска Давкова, утре – 6 јуни 2024 година, четврток, во 12:00 часот, ќе го врачи мандатот за состав на Влада на Христијан Мицкоски, претседател на ВМРО-ДПМНЕ.

Инаку претседателот на ВМРО-ДПМНЕ Христијан Мицкоски денеска на прес-конференција кажа дека преговорите за влада привршуваат и оти очекува утре претседателката Гордан Сиљановска Давкова да го додели мандатот за состав на нова влада.

-Преговорите се веќе завршени во одредена мера, во делот на формирање на владините ресори, преговорите се завршени и во делот на третиот ешалон, денеска истите уште еднаш треба да бидат потврдени, така што очекувам утре претседателот Сиљановска да го даде мандатот на јасно декларираното мнозинство, кое беше јасно декларирано при изборот на Гаши за претседател на Собранието, очекувам час поскоро да го поднесам составот на членови на идната влада, малку се размислуваме поради одредени верски празници кои се пред нас, Задушница и Рамазан, исто така и роденденот на ВМРО-ДПМНЕ 17 јуни, така што имаме неколку работи коишто треба да ги договориме во периодот што следи, но секако дека очекувам идната влада да биде изгласана пред крајниот рок што е дефиниран согласно закон и Устав, изјави Мицкоски.

Тој, заедно со координаторот на пратеничката група Никола Мицевски денеска во Собранието ќе ги поднесат измените на Законот за организација на работата на органите на државната управа, за да може да се изгласа новата реорганизирана влада.

Според предлогот за измени владата ќе добие нови министерства, а дел од постоечките ќе претрпат реорганизација. Новина ќе бидат отворањето на Министерство за енергетика, рударство и минерални суровини, што досега било само сектор во Министерството за економија, и трансформација на Агенцијата за млади и спорт во Министерство за спорт. Секторот млади треба да влезе во Министерството за социјална политика, демографија и млади, а ресорот труд да влезе во Министерството за економија и труд, а оттаму да се издвои туризмот и да биде дел од Министерството за култура. Министерството за информатичко општество и администрација треба да стане Министерство за дигитална трансформација.

Слични содржини