Сиљановска посакува „заколнат борец за владеење на правото“ за јавен обвинител

„Во некои земји како во Британија, јавниот обвинител по функција е член на Владата во поширока смисла“, кажа претседателката Сиљановска Давкова

од Nikola Popovski
41 прегледи Фото: Фејсбук/Гордана Сиљановска-Давкова

„Сакав да предложам ликови кои што ќе персонифицираат промени. Ме прашавте за каков профил сакам – сакам бескромпромисен борец за почитување на законите. Бидејќи јавните обвинители се надлежни за гонење на сторителите на кривични дела, а колку се важни, ќе ви кажам дека во некои земји како во Британија, јавниот обвинител по функција е член на Владата во поширока смисла. Некој кој што ќе биде заколнат борец за владеење на правото и некој кој што ќе биде отпорен на партиски и политички влијанија и некој кој што ќе биде круна на целиот обвинителски систем“, вели претседателката Гордана Сиљановска-Давкова за предлогот на Владата за разрешување на јавниот обвинител Љупчо Коцевски и нејзината замисла за избор на човек кој ќе го раководи ОЈО.

Според неа, ако нема промени во обвинителскиот систем, нема да има успешни судски реформи.

-Се израдував кога министерот за правда, целиот пакет на закони го испрати на Венецијанската комисија, истакна Сиљановска Давкова, потенцирајќи дека најголемиот проблем во земјава се корупцијата и криминалот.

Владата на вчерашната седница усвои предлог за разрешување на Коцевски и го достави до Собранието. Портпаролката Марија Митева соопшти дека постапката е продолжена по завршување на изборниот период, кога била привремено стопирана.

Според образложението, иницијативата се темели на сериозни професионални пропусти во работењето на Коцевски, меѓу кои неовластено откривање информации од судски предмети, нарушување на тајноста на постапките и нарушување на угледот и функционалноста на Јавното обвинителство.