Силјановска тврди дека Герапетритис не ја покренал темата за Договорот од Преспа во Скопје

од Nikola Popovski
5,8K прегледи

Темата за употребата на уставното име на земјава не ја покренал министерот за надворешни работи на Грција, Јоргос Герапетритис, на вчерашниот Самит на земјите-учеснички во ПСЈИЕ, рече претседателката на државата, Гордана Сиљановска-Давкова на заедничката прес-конференција со колегите Јаков Милатович од Црна Гора, а Бајрам Бегај од Албанија.

-Седевме еден до друг. Многу сум задоволна што дојде. Оставивме простор бидејќи му доцнеше летот, да се обрати како последен. Пораките му беа регионално обоени, дека треба да си помагаме, да градиме владеење на правото, да го почитуваме меѓународното право, дека треба да продолжиме таму каде што имаше многу јасни определби на Солунскиот самит. Тоа беа разговорите. Мислам дека атмосферата беше пријатна, пријателска, беше и заменик министерката за надворешни работи, со која се познаваме. Милам дека луѓето од Балканот кога е потребно умееме да се разбереме. Многу сум задоволна особено поради целосно усогласената декаларација која беше усвоена, рекла претседателката.

Шефицата на државава не очекува ново вето од јужниот сосед, не мисли дека го крши Уставот, и дека неупотребувањето на уставното име може да предизвика проблеми.

-Да потсетам, моите документи, тие што ги потпишувам, тие што ги поседувам, пасош, лична карта, сите документи кои излегуваат од кабинетот се со уставното име. Тоа е во рамки на меѓународното право и во рамките на Уставот. Точно е дека секоја изјава на луѓето од политиката, од оние кои се на функции се толкува како да е официјален чин, но секој од нас има, како јин јанг две лица, едно офцијално и едно друго. Јас како човек имам право, повторувам од Сократ до денеска, во рамки на слободата и мислата, слободното изразување на мислата, да се изразувам така како што тоа го правам и не мислам дека тоа е кршење ниту на Уставот ниту на меѓународното право, истакна Сиљановска Давкова.

И претседателот на Албанија, Бајрам Бегај изјавил дека од Грција не очекува пречки и блокади на европскиот пат на неговата земја. Според неговите зборови, соседните земји кои се дел од ЕУ треба да им помогнат на Албанија и Република Северна Македонија да станат дел од ЕУ, особено што двете земји направија многу жртви за да станат дел од европското семејство.

-Очекуваме билатералните проблеми да не бидат пречка за земјите и народите кои чекаат 30 години да станат дел од ЕУ. Ги следиме сите правила на клубот во кој сакаме да бидеме член. Ние сме целосно усогласени со надворешната политика на ЕУ. Се надевам дека сето тоа ќе придонесе нашите земји Албанија и Северна Македонија, кои дадоа многу жртви, да бидат дел од европската заедница, рекол Бегај.

Членките на ЕУ кои се дел од партнерството за соработка во Југоисточна Европа да ги поддржат земјите од Западен Балкан на европскиот пат, побара Сиљановска Давкова. Порача дека наместо да се блокираме, ние треба да соработуваме и да се поддржуваме. Наредната година со процесот ќе претседава Албанија. Клучен приоритет ќе биде евроинтеграцијата, зелена транзиција и дигитализација за што се залагаше и Црна Гора кога претседаваше со организацијата. Шефот на албанската држава Бегај очекува поддршка од земјите членки на ЕУ за земјите од Западен Балкан.

Со денешниот состанок заврши претседателствувањето на Македонија со процесот на соработка со Југоисточна Европа.

Слични содржини