Симеонова за „Локално“: Радев ужива голем рејтинг во Бугарија, но водењето на политичка партија е многу потешко отколку управувањето од удобната позиција што ја обезбедува претседателската институција

Големо незадоволство од бугарската влада: „Луѓето на плоштадите со јасна идеја дека ќе се борат за демократска Бугарија во ЕУ, во која младите сакаат да се развиваат“

од Nikola Popovski
9 прегледи

По масовните протести во Софија, Бугарија се подготвува за нови демонстрации. Младите и опозицијата бараат оставки и политички промени. Протестите започнаа минатата недела како реакција на предложениот државен буџет за 2026 година, кој предвидува зголемени даноци и придонеси. Организациите на работодавачи и синдикатите го оценија предлог документот како „најлошиот буџет во последните 30 години“. Бугарската влада по вторпат објави дека го повлекува нацрт буџетот, а парламентот гласаше за укинување на истиот. На социјалните мрежи веќе се организираат нови собири за следната недела, како притисок за предвремени избори.

Бугарските пратеници го отфрлија предлогот на претседателот за одржување референдум со прашањето – „Дали се согласувате Бугарија да ја воведе единствената европска валута, еврото, во 2026 година“.

Во меѓувреме, лидерот на ГЕРБ, Бојко Борисов, изјави дека партијата е подготвена за предвремени избори доколку не се постигне мнозинство за усвојување на буџетот. Изјавата следува во момент на масовни насилни протести низ земјата и по директниот повик на претседателот Румен Радев, владата да си поднесе оставка.

Што точно ги прави луѓето толку незадоволни?

За најголемиот протест во последните децении во Бугарија, причината не е само во конкретните бројки, туку и во начинот на кој буџетот воведува политики што ги кршат долгогодишните принципи во јавните финансии. Зголемувањето на придонесите за социјално осигурување за граѓаните, зголемениот товар врз бизнисите, растот на јавниот долг и невиденото зголемување на платите во јавниот сектор – со над 550 илјади државни службеници во земја со население помалку од 7 милиони (и приближно 1,9 милиони работници) – создаваат сериозни ризици токму во првата година на Бугарија во еврозоната. Ваквата анализа во разговор за „Локално“ ја истакна Марија Симеонова, директорка на Канцеларијата на Европскиот совет за надворешна политика во Софија. Според неа, ова ја објаснува широката поддршка за протестите: од млади луѓе и работници до малите и средните бизниси.

Соговорничката додава дека негодувањето околу Буџетот е само на едната причина која е на површината. Тврди дека протестите предизвикаа длабоко вкоренето незадоволство од состојбата на бугарската демократија и начинот на кој се донесуваат политичките одлуки.

-Личноста која стана симбол на негативните процеси е Делјан Пеевски – политичар и медиумски магнат, санкциониран од САД и Велика Британија за корупција и злоупотреба на службена положба. Неговото видливо и растечко влијание врз владејачката коалиција го зајакнува чувството дека е зад сцената.

Протест во Софија – Фото: Принтскрин/Фејсбук/ Iassen Djabirov

Исто така, забележуваме јасен генерациски јаз. Младите Бугари, кои пораснале во средина на членство во ЕУ и со висока чувствителност кон квалитетот на институциите, не го прифаќаат арогантното однесување и непроѕирните практики карактеристични за старата политичка класа. Станува јасно дека за нив демократските стандарди не се апстракција, туку лични очекувања за кои се подготвени да се борат, оценува Симеонова.

Постои уште еден важен тренд, додава аналитичарката. Објаснува дека во последниве години, економијата расте, приходите растат, а по пандемијата, се воспостави и трендот на повеќе Бугари кои се враќаат отколку што си заминуваат.

-Ова природно води кон повисоки барања од институциите и јавната средина. Судењата во Бугарија би можеле да бидат почеток на процес што ќе ги уништи долгогодишните лоши практики што доведоа до тоа Бугарија да биде меѓу најкорумпираните земји во ЕУ.

Најновите протести покажуваат нешто важно – Бугарите нема да прифатат модели на управување кои бараат сè повеќе од нивните пари да одат кај нефункционална администрација, безбедносни служби и полиција – особено кога врските меѓу овие институции и одредени политички личности остануваат нејасни. Социјалниот притисок за промени е силен и, според сите извештаи, ќе продолжи, укажува Симеонова.

Во тамошната јавност постојат одредени информации дека бугарскиот претседател ќе формира своја партија. Запрашана дали Радев ужива голема популарност во бугарското општество и дали смета дека има руско мешање во протестите, со оглед на наративот дека претседателот има блиски врски со Москва, директорката на Канцеларијата на Европскиот совет за надворешна политика во Софија анализира дека релативно високиот рејтинг на Радев е делумно институционален и резултат на кризата на политичките партии во Бугарија.

-Претседателот на Бугарија традиционално ужива еден од највисоките рејтинзи меѓу политичарите. Ова не е прв пат тој да ја критикува владејачката партија, што ги поттикна шпекулациите дека ќе влезе во политичкиот живот. За да го стори тоа, сепак, тој треба да има тим и покриеност низ целата земја. Управувањето со политичка партија е многу потешко отколку управувањето од удобната позиција што ја обезбедува претседателската институција, посочува соговорничката, потенцирајќи дека нема руска врска со протестите во Бугарија, исто како што нема никаква поврзаност меѓу претседателот Радев и руската политика.

-Исто така, погрешно е да се верува дека тие се против влезот на Бугарија во еврозоната. Напротив, видовме силно проевропски граѓани на улиците. Протестите се природно продолжение на критиките изразени и од различни општествени групи кон параметрите на буџетот за 2026 година, и од опозицијата, претставена од коалицијата „Продолжуваме со промените – Демократска Бугарија“. Вторите сè повеќе вешто ги користат парламентарните алатки и социјалните мрежи за да разоткријат непроѕирни и проблематични практики во законодавниот процес, вели Симеонова.

Околу тоа кое е решението од политичката тензија и дали ќе има предвремени избори, аналитичарката од Софија вели дека постои голема веројатност за нов изборен циклус, со оглед дека размерот на процесите е голем и има нова граѓанска енергија.

-Можна промена би била помладата генерација похрабро да влезе во политиката. Протестот беше делумно мобилизиран од опозицијата во парламентот (ПП-ДБ), но тој изнесе нова генерација која сè уште ги формира своите политички ставови. Во суштина, протестот беше граѓански, силно проевропски, а луѓето на плоштадите имаа јасна идеја дека сакаат и ќе се борат за демократска Бугарија во ЕУ, во која младите сакаат да се развиваат, заклучува Симеонова.

Н.П.