Симовски: Попис не се подготвува за еден месец, ние сме подготвени за ова од поодамна

356 прегледи

Попис не се подготвува за еден месец, па затоа овие подготовки почнаа оддамна. За ова подолго време се подготвуваме, соопшти денес директорот на Државниот завод за статистика, Апостол Симовски, во пресрет на панел дискусијата на тема „Попис: Помеѓу политиките и статистиките“ во организација на Цивил.

Симовски изрази надеж дека законот за попис ќе биде изгласан во Парламентот и дека за истиот нема да има спротивности, бидејќи оваа операција треба да донесе бенефит на граѓаните на државата.

„Ние финишираме со подготовките од технички аспект. Овој попис ќе биде специфичен, нема да биде на оној традиционален начин, ќе користиме комбиниран метод“, истакна Симовски, додавајќи дека за разлика од изминатите години, ќе има електронски прашалници на лаптопи и ќе има комуникација со бази од каде автоматски ќе се преземаат податоците и ќе се надополнуваат од терен.

Според директорот Симовски, овој начин дава голем квалитет на пописот и го крати времето на спроведувањето. Најважно, како што додаде, е тоа што дава најбрзо резултати.

„Со претходните, година и половина ни беше најбрзото обработување, сега, како што стои во законот, треба по шест месеци да излеземе со податоците“, потенцираше Симовски.

Државниот завод за статистика, како што посочи екс директорот на Државниот завод за статистика,Дончо Герасимовски, се труди да постигне високи резултати за да се добијат податоци што побрзо.

„Во пописот многу е важно како се вршат подготовките за организацијата и како се спроведуваат податоците на терен. Ќе биде се најдобро ако ние сме послушни и ги почитуваме законите, а квалитетот на податоците ќе ги задоволат потребите на држaвата“, истакна Герасимовски.

Инаку овој настан е дел од проектот „Европа е наш дом“, кој е поддржан од Министерството за надворешни работи на Сојузна Република Германија.

Слични содржини