Моите очекувања се дека во оваа година ќе биде прекршен претходниот рекорд од 70 илјади долари за биткоин и ќе се рушат нови рекорди во периодот што следува, што ќе ја однесе цената на биткоин од 130,000 до 137,000 до крајот на 2025 година, вели во разговор за „Локално“, Дарко Симуновски, крипто-експерт и портфолио стратег. Ова следува откако Американската комисија за хартии од вредност го одобри создавањето на нови фондови со кои се тргува преку размена, кои ќе им овозможат на инвеститорите полесно да купуваат и продаваат биткоин.
Аналитичарот е дециден дека ова воведе нова ера на тргување со криптовалути.
-Потенцијалното одобрување на биткоин фондовите беше еден од главните движечки фактори зад перформансот на биткоин во 4тиот квартал во 2023 година. Само да ве потсетам кога се претстави првиот златен ETF ($GLD) во ноември 2004 година, цената на златото се искачи од околу 450 долари на повеќе од 1.820 долари по унца во 2011, што забележа пораст од преку 300%, повлекувајќи паралела со биткоин, одобрувањето на биткоин фонд потенцијално може да има сличен трансформативен ефект, оценува експертот.
Симуновски објаснува дека Bitcoin ETF или биткоин фонд, е финансиски производ кој ја следи цената на биткоинот. Тоа им овозможува на инвеститорите да купуваат и продаваат удели од фондот на традиционалните берзи, обезбедувајќи изложеност на Биткоин без директно поседување на криптовалутата. Секој учесник кој нуди ваков фонд мора да има биткоини за секој удел што ќе биде купен од инвеститорите.
Америчката КХВ (SEC) во средата, на 11 Јануари, одобри 11 биткоин фондови популарно наречени Bitcoin ETF.
Тие Биткоин фондови се: BlackRock, Ark Invest & 21Shares, VanEck, Fidelity, Invesco & Galaxy, Valkyrie, Hashdex, Franklin Templeton, Wisdomtree, Bitwise и Grayscale.
-Фондовите за размена се сметаат за попристапен и регулиран начин за инстуционалните инвеститори да учествуваат на крипто-пазарот, во споредба со купување и складирање на вистински биткоин. Вредноста на секој биткоин фонд е поврзана со перформансите на Биткоин, што го прави погодна опција за инвестирање за оние кои претпочитаат традиционални финансиски пазари. Ова значи дека Биткоин фондовите ќе бидат достапни за инвестициски фондови, банки, осигурителни фирми, пензиски фондови и други институционални инвеститори, објаснува крипто-експертот.
Симуновски наведува дека ова е огромна предност за институционални инвеститори да можат индиректно да се изложат на најдоброто финансиско средство како дел од нивното инвестициско портфолио.
-Биткоин фондовите обезбедуваат погодна влезна точка за традиционалните инвеститори кои се навикнати на навигација на традиционалните финансиски пазари. Структурата на тргувани фондови е позната, дозволувајќи им на инвеститорите да добијат изложеност на биткоин без сложеноста на директно управување со биткоин и воедно се во согласност со законска рамка што на инвеститорите им дава сигурност. Исто така Биткоин фондовите се тргуваат на традиционалните берзи, нудејќи ликвидност што може да недостасува во некои централни менувачници за криптовалути, укажува аналитичарот.
Моментално криптовалутите се многу волатилни, истакнува крипто-експертот, затоа што крипто пазарот е сосема мал и тежи само 1.8 трилиони американски долари, во споредба со пазарот на акции што е преку 110 трилиони долари тежок.
Според него, цената ќе се стабилизира кога биткоин ќе тежи преку 3 трилиони американски долари односно 1 биткоин ќе вреди преку 160. 000 долари.
-Сметам дека ќе ја видиме таа стабилност на цената на биткоин во 2025 или најдоцна во 2026 година, додава Симуновски.
Во однос на тоа дали има ризици за идните инвеститори, тој објаснува:
-Замислете валута што не е контролирана од ниту една влада, имуна на инфлација и лесна за испраќање како електронска-пошта, тоа е биткоин. Биткоинот не е само уште една акција или обврзница, тоа е револуција во финансиите, целосна промена на играта.
Биткоинот е најдоброто финансиско средство во последната деценија, ќе го надмине златото по маркет капитализација во наредните шест до седум години, поради се помалата залиха и растечката побарувачка. Ќе има само 21 милион биткоини, уште милион и пол ќе бидат рударени во наредните 100 години, исто така преполовувањето на биткоинот се случува за само 4 месеци и тој циклус се повторува на секои 4 години тоа значи залихата само ќе се намалува.
Единствено финансиско средство што неможе да биде цензурирано и контролирано и ги имитира атрибутите на златото со фиксна залиха, тврди Симуновски.
-Сметам дека најголемиот ризик за инвеститори е доколку не инвестираат во Биткоин директно или преку биткоин фондовите, затоа што ќе ја пропуштат можната заработка од новата класа на финансиски средства. Споредбено, ова е како да го имате Амазон или Гугл пред дваесетина години. Секој кој што го изучувал биткоин знае колку е револуционерен и посебен финансиски инструмент, потенцира крипто-експертот.
Н.П.