Во ситуација кога никој веќе не може да предвиди која ќе биде следната институција чии вработени ќе излезат на протест, синдикатите без каква било задршка и „фрлија ракавица“ на Владата.
За нивните претставници искажаното незадоволство е логична последица на ниските плати, а покачувањето на примањата на функционерите за 78%, е само дополнителното масло на огнот.
Според Слободан Трендафилов, потпретседател на ССМ, дополнително револтира и фактот дека преговорите за општиот колективен договор се во ќорсокак, односно предлогот на Владата сите синдикати едногласно го отфрлиле.
„Според овој предлог, платите на вработените треба да се усогласуваат до 2028 година и тоа што можам да го споделам како информација е тоа да биде некој износ од 7.000 – 7.500 денари. Тоа навистина е несериозно во услови кога платите на функционерите пораснаа за 70.000 денари месечно“, вели Трендафилов за „Локално“.
Синдикатите се единствени дека не го прифаќаат овој предлог, а како единствено решение ја посочуваат опцијата за просечна плата по коефициент за сложеност.
Во оваа насока е и нивната реторичка дилема зошто ваквата алтернатива може да се примени за функционерите, а не може за работниците. Како особено спорна ја посочува и одлуката на Министерот за финансии, Фатмир Бесими да ги зголеми платите на вработените во ова министерство за 30%, а од друга страна, ваква можност, по истиот основ не дозволува на вработените од Царина иако тие се под „капа“ на Министерството за финансии.
Трендафилов посочува дека синдикатите во координирана акција организираат протести не само во јавниот, туку и во приватниот сектор. Барањето е секаде исто – поголеми плати бидејќи поради зголемените трошоци за живот, вработените не можат да го протуркаат месецот со постоечките примања.
Менаџментот на кавадаречки „Еуроникел“ побара разбирање од своите вработени, но и трпение. На заедничка маса со претставниците на синдикатот како основна пречка за брзо решение ги посочиле енергетската и воената криза, како и инфлацијата.
„На последниот состанок што се одржа со менаџментот, од една страна беше кажано дека компанијата има чесни намери за наредниот период, односно дека сака да произведува и дека се надева дека за краток период од 3 до 4 месеци ќе се процени нивото на производство на изминатите години и со тоа ќе се подобри финанциската ситуација на нашите работници“, изјави за „Локално“, Игор Герасов- претседател на СИЕР.
Во оваа насока е потсетувањето дека за разлика од порано, компанијата сега месечно произведува помало количество еуроникел , односно за разлика од поранешните 1.200 до 1.300 тони еуроникел на месечно ниво, тие сега се сведени на 500 тони.
Во моментов, во фабриката се одржува штрајк без прекин на работниот процес , а неделава, треба да се свика уште едно собрание од синдикатот и да се одлучи дали ќе дојде до генерален штрајк.
Инаку, просечните плати во Еуроникел изнесуваат околу 31.000 – 32.000 денари во ниво на цела компанија, а од друга страна, трендот на платите во металниот сектор на енергетика и рударство одат нагоре.
Серијата протести први ги започнаа вработените во УЈП. Следни беа цариниците, а најави за штрајк доаѓаат и од страна на судската администрација. Од владата порачаа дека наместо да ги решаваат проблемите на институциите поединечно, сите ќе ги задоволат со еден колективен договор кој ќе предвидува зголемување на платите и подобрување на работничките права.
„Се работи на усогласување и потпишување на Општ колективен договор, кој ќе важи за сите вработени во јавниот сектор. Процесот е дефиниран, преговорите се водат и очекуваме да се усогласиме и да се заокружи целиот процес и методологијата“, е ставот од таму.
Временски рок засега нема .
К.В.С.