Брони Џејмс (18), најстариот син на ѕвездата на Лос Анџелес Лејкерс, Леброн Џејмс, беше отпуштен од медицинскиот центар Седарс-Синаи во Лос Анџелес откако доживеа срцев удар.
Синот на најдобриот стрелец на сите времиња во НБА, 18-годишниот Леброн Рејмон „Брони“ Џејмс Јуниор доживеа срцев удар во вторникот за време на тренингот за кошарка на Универзитетот во Јужна Калифорнија (USC), по што бил пренесен во болница.
„Благодарение на брзата и ефикасна реакција на медицинскиот персонал на универзитетот, третманот на Брони Џејмс од ненадеен срцев удар беше успешен“, соопштија од болницата, додавајќи дека младиот човек е пуштен дома каде сега се одмара.
Од болницата додаваат дека младиот кошаркар има уште неколку медицински тестови за да се утврди причината за срцевиот удар. Засега не е познато како ненадејниот срцев удар ќе се одрази на неговата кошаркарска кариера.
„Иако неговото лекување е во тек, се надеваме на понатамошен напредок“, се вели во соопштението од болницата.
Неговиот татко, Леброн Џејмс, им се заблагодари на фановите за поддршката и молитвите за неговиот син.
„Сакам да им се заблагодарам на безброј луѓе кои испраќаат љубов и молитви на моето семејство“, објави Џејмс на платформата за пораки X, порано позната како Твитер.
„Ве чувствуваме и сме многу благодарни. Ќе имаме уште да кажеме кога ќе бидеме подготвени, но сакав да им кажам на сите колку ни значеше вашата поддршка“, додаде тој.
Ѕвездата на Лејкерс и најдобриот стрелец на НБА лигата на сите времиња, неколку пати истакна дека се надева дека ќе игра во НБА лигата во ист тим со својот син Брони.
Леброн Џејмс и неговата сопруга Савана ги имаат синот Брајс (16) и ќерката Зури (8).