Силите предводени од сириските Курди денеска соопштија дека ќе возвратат на серијата напади на турски воени авиони кои ги погодија областите под нивна контрола низ североисточна Сирија во текот на ноќта.
„Овие напади на турските сили нема да останат без одговор“, се вели во соопштението на Сириските демократски сили (SDF) поддржани од САД, пренесе Ројтерс.
Турското Министерство за одбрана претходно денеска објави дека земјата започнала воздушни напади врз северните региони на Сирија и Ирак, насочени кон курдските групи кои Анкара ги смета за одговорни за минатонеделниот смртоносен бомбашки напад во Истанбул.
Според извештаите, денеска 89 цели, вклучувајќи засолништа и складишта за муниција, се уништени во воздушни напади врз базите на курдските екстремисти во северен Ирак и северна Сирија.
Нападите се извршени врз Кандила, Асос и Хакурк во Ирак и Кобане, Тал Рифат, Цизире и Дерик на северот на Сирија, се наведува во соопштението, во кое се додава дека „меѓу неутрализираните се и лидерите на терористичката организација“.
Воздушните напади уследија по експлозија на бомба во центарот на Истанбул на 13 ноември, при што загинаа шест лица, а над 80 беа повредени.
Турските власти ја обвинија Курдистанската работничка партија (ПКК) и нејзиниот сириски огранок, Единицата за заштита на сирискиот народ (ИПГ), за нападот, додека курдските милитантни групи негираат вмешаност во нападот.