Системот „Безбеден град“ ќе биде ставен во функција во три градови

од Milan1
99 прегледи

Министерот за внатрешни работи Панче Тошковски најави дека системот „Безбеден град“ многу набрзо ќе биде ставен во функција, и тоа првично во Скопје, Тетово и Куманово.

– Сите сакаме ред, кој не сака ред? Сите сакаме да има ред, сите сакаме да спиеме навечер без да има гласна музика, сите сакаме да имаме мир без да „летаат“ со 180 по Партизанска и по другите булевари во Скопје. Над 95 проценти од луѓето, па и повеќе, сакаат да има ред и поредок. За да имаме ред и поредок, еден од условите што, според мене, треба да ги сториме во иднина е целосна имплементација на „Безбеден град“, првично во Скопје, Тетово и во Куманово. Тоа значи дека секој еден кој поминал на црвено треба да биде казнет, тоа значи дека секој еден кој што погрешно паркирал треба да биде казнет, тоа значи дека секој еден кој возел со поголема брзина од дозволената треба да биде казнет. Тоа е во интерес на сите граѓани, рече Тошковски.

Пред да биде имплементиран, посочи министерот, потребно е да се направат одредени законски измени и да се дефинираат деталите околу тоа како ќе функционира.

– Ќе се казнува сопственикот на возилото. Да, тука има дали требало така, дали можело така, во многу голем број европски држави е така, и треба да се внимава кога ќе се даде на управување возилото од страна на сопственикот. Има сега тука ако е на правно лице, има работи што ќе треба да се потсредат. Ќе треба да се среди доставата како ќе оди, да не испадне сега дека се изгубиле предметите при доставата и.т.м. Тоа се делови што мора да се имплементираат, рече Тошковски.

Министерот смета дека по неговото ставање во функција ќе треба да има одреден период на предупредување, едукација и превенција. Вели дека најмалку еден месец ќе треба да има силна кампања за да не испадне дека државата има за цел финансиски да ги казни граѓаните.

Слични содржини