Сите 242 лица на летот на „Ер Индија“ што се урна денес во западна Индија загинаа, објави весникот „Индијан експрес“, повикувајќи се на полицијата.
Во авионот имало 230 патници, двајца пилоти и десет членови на екипажот.
„Тајмс оф Индија“ претходно објави дека авионот „Боинг 787 Дримлајнер“ на „Ер Индија“, кој летал за Лондон, се урнал кратко по полетувањето од меѓународниот аеродром „Сардар Валабхаи Пател“.
Според извештајот, авионот се урна во областа Мегани во градот, што предизвика итна реакција.
Според податоците од апликацијата FlightRadar24, последниот сигнал од авионот е примен само неколку секунди по полетувањето.
Индискиот министер за воздухопловство Кинџарапу Рам Мохан Наиду изјави дека е „шокиран и скршен“.
„Ние сме во состојба на висока готовност“, додаде тој, истакнувајќи дека се мобилизирани спасувачки екипи.
„Ер Индија“ потврди дека летот AI171 од Ахмедабад до Лондон имал несреќа по полетувањето.
„Летот, кој полета од Ахмедабад во 13:38 часот, превезуваше 242 патници и членови на екипажот во авион Боинг 787-8. Од нив, 169 беа индиски државјани, 53 британски државјани, еден канадски државјанин и седум португалски државјани“, се вели во соопштението.