Секој човек во услови на криза прво размислува за себе, за своето семејство, меѓутоа кога сте претседател на влада во услови на ваква економска и енергетска криза, невидена после Втората светска војна, основна обврска е да мислите прво на сите граѓани, вели премиерот Димитар Ковачевски во интервју за „Би-би-си“
– Сите мерки кои што се во надлежност на Владата и кои што се во согласност со капацитетите кои што ги имаме како држава ги преземаме, преземавме и ќе ги преземаме во иднина за сите најранливи категории на граѓани, вели Ковачевски.
Според него има мерки и за сите компании во индустријата со цел да ја задржат нивната ликвидност и особено најсуштинските индустрии кои не снабдуваат со основни прехранбени производи затоа што кажав храна и струја
Дополнително, нагласува, донесовме одлуки почнувајќи од април оваа година и тие ќе продолжат до крајот на годинава и, како што вели, ако ситуацијата е иста, и следната година ќе ја субвенционираат цената на електричната енергија за сите граѓани.
-Сите граѓани во државата добиваат петпати помала сметка за електрична енергија што би ја плаќале без субвенциите од Владата, а компаниите, на регулираниот пазар, 72.000 компании што вработуваат 98 отсто од работниците во земјата, исто така, добиваат субвенционирана цена на електричната енергија. Ги намаливме буџетските ставки што не се неопходни во време на криза и ги пренаменивме овие средства за борба со кризата и за помош на најранливите, оние со најниски пензии, добиваат дополнителна помош, најранливите, 41.000 жители на државата, месечно добиваат средства. Ја зголемивме минималната плата, ги зголемивме пензиите за 10 отсто во државата и сето ова е насочено кон граѓаните на државата, бидејќи никој не смее да биде оставен сам, нагласува македонскиот премиер во интервјуто.
Премиерот Ковачевски дополни дека од јануари следната година, ЕУ ќе обезбеди 80 милиони евра буџетска поддршка за соочување со енергетската криза. За Западен Балкан, ЕУ ќе обезбеди половина милијарда евра за енергетска транзиција, а тоа значи нови електрани, нова инфраструктура за снабдување со гас преку пристаништата во земјите.