Сите одговори на прашања на Зоран Заев

од
73 прегледи

Одговори на новинарски прашања  Зоран Заев, претседател на СДСМ

Скопје, 16.05.2015 год.

 IMG_0691

 

П1: Господине Заев, ви го вратија ли пасошот?

Да, пасошот ми го вратија.

П2: А, може нешто повеќе околу Стразбур да ни кажете?

 Немам никакви информации, освен нашата подготвеност секогаш кога пријателите од меѓународната заедница ќе повикаат на разговори, ние сме подготвени.

 

П3: Може ли прашање до госпоѓата Шекеринска, бидејќи денеска излезе скандал, токму за нејзе и нејзиниот сопруг, дека сами на себе си изнајмувале не еден, туку четири стана?

 

Ќе добиете изјава и реакција по прес конференцијата.

 

Ѓоспоѓо Шекеринска, ќе можете ли да ми одговорите?

 

Ќе ви биде дадена изјава. Ова е прес конференција којашто јас водам јас. Никогаш Социјалдемократскиот Сојуз не останал должен со одговор. Ќе добиете одговор.

 

П4: Од Бугарската телевизија BTV, очекувате ли некакви провокации во време на најголемите антивладини демонстрации?

Вчера соопштив што се случува и со каква мака се справуваме во делот на обезбедувањето на превозните средства. Тоа продолжува и во текот на денешниот ден. Но, секако, сите напори ги вложуваме да не остане граѓанин кој е заинтересиран да присуствува на протестот, а за тоа да нема превоз. Ќе го смениме и никој не смее тоа да го спречи. Реков, ако треба со камиони, со булдожери, со трактори, народот ќе дојде овде, некој може и ќе тргне пеш, но ќе стигне. Истовремено, дали некој има лоши намери кон она кое што ние со сите детали го најавуваме како мирен и ненасилен протест, дали некој има лоши намери тоа да го прави, најчуден е, повикот на 18-ти, наредниот ден, власта да организира контра протест и вие сами ќе влечете заклучоци, денес е обезбеден приклучок на истото место, на нашата локација, за протестот на 18-ти. Значи, имаат намера да го прават таму каде што ние ќе останеме. А, ние не си одиме. Јас само ќе кажам овде за да биде јасно. Ние оваа работа што ја водиме, ја водиме за добра иднина на Македонија, за сплотување на нашиот народ и за сплотување на сите етнички заедници и комплетно на целиот наш народ. Во вакви чувствителни ситуации, знае целиот свет, кој прави контра протести. Тоа било и во Србија, тоа беше и во Украина.  Ако сака и дефинитивно да влезе и да ја потврди неговата еднаквост со диктаторите ширум светот, тоа конечно има можност да го направи токму на 18-ти. Се надевам дека тоа нема да се случи, заради тоа, апелирам до граѓаните, гордо, достоинствено, со крената глава, сите

да бидеме овде, оти со нашата бројност, истовремено, ќе му помогнеме на Никола Груевски да се откаже од 18-ти.

 

П5: Утре е големиот настан. Кои се вашите очекувања и дали ќе бидете надвор се додека Владата не даде оставка? 

Ова утре ќе почне, дај Боже да заврши, ако Никола Груевски поднесе оставка. Но, ако не заврши и не поднесе оставка, ние остануваме до крај. Ако јас го започнав овој процес, јас ќе бидам постојано таму. Освен кога ќе бидам на преговори коишто дај Боже да дадат резултат, оставка на Никола Груевски, преодна влада, нормализација на Македонија и предвремени парламентарни избори. Ќе го водам нашиот народ рамноправно со граѓаните, рамо до рамо, до конечната цел, заминување на Никола Груевски од политичката сцена.

 

П6: Најважното од се за медиумите и за поголем дел од јавноста, бидејќи утре почнувате со протест кој нема крај, дали ќе продолжите со бомбите?

 Еве вака. Со самото отворање на протестите и начинот како ќе бидат организирани протестите, со бомбите ќе застанеме. Останавме должни за еден случај за којшто се заинтересирани многу граѓани. Тоа е убиството кај Смилковското езеро или случајот Монструм. Јас дадов збор, `се што поседуваме како докази, ќе го објавиме. Но, заради чувствителноста на состојбите, сигурно дека ќе имаат граѓаните разбирање зошто тоа не го направивме пред големиот протест. Но, зборот е збор! Даден е зборот и овие докази ќе бидат споделени со јавноста во соодветно време. Така да, денеска почнува паузата на бомбите, не е крајот на бомбите. Стотици и стотици, илјадници, разговори поседува опозицијата. Точно е дека 70 проценти од тие стотици и стотици се за опозицијата. Но, ние досега имаме објавено околу само петстотини разговори, така што се надевам дека нема да има потреба оваа пауза на објавување на разговори коишто потврдуваат криминали, корупции и незаконски дејствија, дека нема да има потреба да продолжат, а тоа ќе се случи единствено со оставка на Никола Груевски.

 

Повик до сите граѓани:

 

Дозволете уште еднаш за крај, да го повикам целиот наш народ. Ако не може да се качи во автобус, да најде начин како да дојде во центарот на нашиот главен град, пред Владата. Ова утре што ќе се случи, ќе биде мирен, ненасилен протест, со сите делови што ги објаснував. Но најважно од сé, нашите генерации ќе ја имаат единствената шанса утре, да не ја прошуштат граѓаните оваа историска шанса, да бидат каде што ќе бидеме сите, од сите етнички заедници, каде што ќе ги испратиме сите пораки што мораме да ги испратиме, каде што настанот ќе се памети и зборува, години и години пред нас. Оваа шанса утре не се испушта.

Ве канам сите, гордо и достоинствено, на 17-ти, утре, недела, од 14:00 часот, пред Владата на Република Македонија.