Сите училишта во Карпош имаат фотоволтаични системи

Општина Карпош ги опреми десетте основни училишта на своја територија, со фотоволтаични централи кои произведуваат електрична енергија за свои потреби

од Nikola Popovski
17 прегледи Фото: Општина Карпош

Општина Карпош ги опреми десетте основни училишта на своја територија, со фотоволтаични централи кои произведуваат електрична енергија за свои потреби. Локалната самоуправа ја реализираше оваа иницијатива, откако претходно ја реновираше и кровната конструкција на сите училишни установи. Во случајов, училиштата и детските градинки во Карпош се енергетски ефикасни објекти, со оглед на тоа што истите имаат поставено термичка изолација, прозорци со трослојно стакло, а некои од нив се загреваат на системи од обновливи извори на енергија.

Воедно, Општина Карпош е првата локална самоуправа во Македонија која постави хибридни колектори на детската градинка „Мајски цвет“ во Тафталиџе 2, кои служат за производство на електрична енергија и топла вода. Поточно, овие колектори произведуваат струја со моќност од 3,2 kw, а преку искористување на сончевата енергија се произведуваат и  300 литри санитарна топла вода, која се користи за потребите на кујната на оваа детска установа.

Според планираната динамика, Општината ќе ги опреми и останатите детски градинки, кои заедно со основните училишта ќе бидат енергетски ефикасни и финансиски одржливи институции.